Свет

Разорните пожари ширум Европа открија нова опасност

Разорните пожари ширум Европа открија нова опасност

Големите пожари и сушите што летово ја погодуваат Европа откриваат опасни остатоци од минатото. Поради екстремните горештини и пожарите, на површина излегуваат неексплодирани гранати и муниција од Првата и Втората светска војна, што претставува дополнителен ризик за итните служби на терен. Експлозии веќе се регистрирани во неколку западноевропски земји, пишува Euronews.

Ризик од експлозии на пожариштата

При гаснењето на пожарите во Франција, Германија, Белгија и Холандија се регистрирани детонации на стара муниција. Во близина на Бордо, огнот открил складиште со муниција за која се верува дека потекнува од Втората светска војна.

Слична е ситуацијата и во белгиската покраина Лиеж, каде што гувернерот Ерве Жамар потврдил дека на опожареното подрачје се слушнале „спорадични детонации“. Тој додал дека итните служби се приспособуваат на новите услови за работа на теренот, каде што под земјата има заостаната муниција.

Голем пожар во Лиеж го зафатил подрачјето Хај Фенс, кое се протега и на територијата на Германија. На овој простор кон крајот на 1944 година се одвивала Битката кај Ардените, една од најголемите битки во Втората светска војна. Тогаш германските сили започнале офанзива против сојузничките трупи, оставајќи зад себе големо количество воена опрема и убојни средства.

Остатоци се појавуваат и поради повлекувањето на реките

Во исто време, рекордно ниските нивоа на реките ширум континентот, предизвикани од сушата, исто така откриваат остатоци од воениот период. Од речните корита се појавиле потонати германски воени бродови, бомби и еден мотоцикл на Вермахтот.

Експертите истакнуваат дека овие настани се директна последица од климатските промени.

„Климатските промени сега го откриваат и активираат она што со децении било стабилно под земјата“, објаснила Сара Нџери, експертка за мир и конфликти од Лондонската школа за ориентални и африкански студии (SOAS).

Со неа се согласува и Кристина Грин, истражувачка од Универзитетот во Аризона. Таа смета дека поради климатските промени „военото наследство повторно се појавува“.

„На некои места сега повторно се соочуваме со наследството од војните и конфликтите на начин со кој долго време не моравме да се справуваме“, заклучила Грин.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни