Сирија има намера да задржи неколку тони нуклеарен материјал што се наоѓа на нејзина територија, а дури потоа да направи целосна инвентаризација. Ова го соопшти шефот на сириската дипломатија Асад ал-Шајбани на прес-конференција во Дамаск, на која учествуваше и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.
Гроси предупреди дека „нуклеарната залиха“ во Сирија може да се искористи за злонамерни цели. Тој појасни дека без збогатување природниот уран не може да се претвори во нуклеарно оружје, ниту пак без производство и одвојување на плутониум. Сепак, материјалот може да се употреби за таканаречена валкана бомба, која предизвикува радиоактивно загадување, но нема разорна моќ како стандардното нуклеарно оружје.
Инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија претходно пронајдоа природен уранов метал во околината на Дамаск, големи количини графит на друга локација и остатоци од реактор во Ал-Кибар, во источната провинција Деир ез-Зор. Израел го уништи реакторот на 6 септември 2007 година. Агенцијата оцени дека објектот бил изграден со помош на Северна Кореја; во 2011 година таа оценка беше формално соопштена, а во 2024 година таму беа откриени и честички уран.
На 17 јули Сирија официјално соопшти дека сѐ уште располага со нуклеарен материјал. Соопштение бр. 59/2026 го поврзува процесот со иницијатива започната во декември 2024 година и со обврските на Дамаск по Договорот за нераспространување на нуклеарно оружје, објави „Фронтлајн Монитор“. Тоа би требало да значи поголема отчетност и надзор, но физичката контрола останува сириска – ал-Шајбани не спомена изнесување на материјалот од земјата.
Токму тука настанува недоумица, бидејќи „Аксјос“ на 10 август, повикувајќи се на извори во Вашингтон и Тел Авив, објави дека САД постигнале договор со Сирија материјалот од „Објект 99“ да биде изнесен до крајот на 2026 година. Информацијата не е официјално потврдена. Израелски извори дополнително тврдат дека влезовите на „Објект 99“ биле бомбардирани по падот на Асад и дека Турција ѝ помагала на сириската страна да стигне до скалдиштето.
Додека Дамаск јавно говори за нуклеарниот материјал, Израел нападна сириска воена база каде што, според Тел Авив, Турција се распореди и планира да го засили своето присуство. Во меѓувреме, амбасадорите на САД во Израел и Турција интензивно посредуваат за да спречат ескалација во отворен судир меѓу двете земји.
Неизвесноста околу обемот и статусот на сирискиот уран, заедно со засилените регионални тензии, ја одржуваат загриженоста меѓу меѓународните актери дека материјалот би можел да биде злоупотребен, вклучително и за изработка на валкана бомба, иако засега нема индикации дека Дамаск располага со капацитет за збогатување уран или за производство и одвојување на плутониум.