Стратешкото партнерство со САД да се претвори во конкретни проекти и економски придобивки е една од целите на македонската влада, порача премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“.
Мицкоски во интервјуто ја нагласува силната поддршка што Владата ја дава на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација, посочувајќи дека Скопје сака дополнително да ја продлабочи соработката со Вашингтон во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.
Премиерот вели дека поддршката за Трамп не започнала по неговиот повторен избор за претседател на САД, туку уште за време на изборната кампања во 2024 година.
Според Мицкоски, Македонија била меѓу првите европски земји што воспоставиле контакти со луѓе од тимот на Трамп, а веднаш по НАТО-самитот во Вашингтон во јули 2024 година, дел од неговите соработници престојувале во Македонија.
Меѓу нив, како што посочува, биле секретарот за трговија Хауард Лутник, поранешниот конгресмен Девин Нунес и Крис Павловски, сопственикот на „Рамбл“, кој има македонско потекло.
По изборот на Трамп за претседател, македонска владина делегација присуствувала и на неговата инаугурација во Вашингтон, каде, според Мицкоски, повторно била потврдена подготвеноста за продлабочување на билатералната соработка.
Премиерот оценува дека поддршката за Трамп во Македонија е исклучително висока и изрази подготвеност да го пречека американскиот претседател во земјава доколку неговиот распоред дозволи посета на регионот.
„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Македонија ги поддржувала американските позиции
Во интервјуто Мицкоски посочи и дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала позициите на САД во Обединетите нации, вклучително и по прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.
Тој нагласи дека земјата не се воздржувала од поддршка на Вашингтон ниту во ситуации кога таквите позиции можеле да имаат политичка цена.
„Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници за практично да заземат ставови, мојата земја не се криеше во толпата“, рече Мицкоски.
Како важни партнери во разговорите за енергетиката ги посочи американскиот претставник Ричард Гренел и американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл. Во фокусот, меѓу другото, се можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот.
„Ние сме клучна точка на американските интереси на Балканот и сме силен столб на поддршка на американските интереси на Балканот“, порача Мицкоски.
Нула царини и нови американски инвестиции
Премиерот откри и дека Македонија била меѓу првите земји што започнале разговори со администрацијата на Трамп по воведувањето на американските царини.
Според него, во разговорите била постигната основа за билатерален договор со нулта царинска стапка. Тоа, како што објасни, би значело нула царини за извозот на македонски производи во САД, но и нулта царинска стапка за одредени американски производи.
Мицкоски очекува договорот официјално да биде потпишан за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што најави свое присуство.
Според него, договорот би можел значително да ја олесни трговијата и да создаде услови за поголем американски извоз, но и за привлекување нови инвеститори.
Тој смета дека Македонија може да биде важна платформа за американските компании не само на македонскиот пазар, туку и пошироко во регионот и Европа.
Мицкоски најави дека во наредните недели, за време на престојот во САД, би можело да бидат потпишани и други договори, а изрази надеж дека ќе има можност и за средба со претседателот Трамп.
Пораката на премиерот е дека Владата сака односите со Вашингтон да ги подигне на уште повисоко ниво – од политичката и безбедносната соработка кон конкретни економски проекти, инвестиции, енергетски партнерства и инфраструктурни иницијативи.