Глобалниот интерес за критичните минерали расте, а експертите очекуваат Македонија да преземе поактивен пристап кон искористувањето на сопствениот минерален потенцијал.
Во домашното рударство во моментов работат четири рудници за метални суровини. Само „Бучим-Боров дол“ произведува критичен и стратешки минерал – бакар.
Во делот на новите инвестиции, пак, на располагање е само проектот „Иловица-Штука“, кој предвидува изградба на рудник за бакар
Според најавите на инвеститорот, во првите две години би се реализирала почетна инвестиција од над 340 милиони евра. Проектот се очекува да генерира просечен годишен приход од најмалку 180 милиони евра, а компанијата би можела да се позиционира меѓу трите најголеми извозници во Македонија.
Покрај Иловица, земјата има и ограничена активност во истражувањето на нови критични минерали. Во моментов активно се спроведува геолошко истражување за антимон во близина на Крива Паланка.
Податоците укажуваат дека Македонија има ресурси и потенцијал, но сè уште мал број проекти што се движат од истражување кон конкретна инвестиција и производство.
„Повеќе децении, со исклучок на „Боров дол“, нема отворен рудник и гледате дека со години има спротивставување воопшто на отворањето, а кај нас е дури дојдено и за воопшто да не се истражува во државата. Светот денес масовно, па и европските земји, тежнеат кон истражување на природните богатства и Македонија мора да го следи тој пат. Сите заеднички ќе бидеме виновници ако времето не го искористиме и ако во таа општа трка за минерали, а тие се тие коишто носат развој на секој сектор и на индустријата, буквално ќе ја доведеме државата во ситуација да стагнира и да не го фати патот и приклучокот кон се она што е тренд во Европа и во светот“, изјави универзитетската професорка и претседателка на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова.
Во меѓувреме, соседните Грција и Бугарија активно користат европски средства за инвестиции во рударството и преработувачки капацитетите преку Директивата за критични минерали на ЕУ. Сепак, не изостануваат ниту останатите држави од регионот.
„Во однос на отворањето на нови капацитети, Србија по тој пат чекори исклучително забрзано, Босна го следи тој пат, Албанија секако… Црна Гора како една многу мала земја со ресурсите што ги има, исто така истражува и отвора капацитети. Македонија едноставно мора да го следи тој пат и ние мора да најдеме заеднички јазик, да се разбереме и да сфатиме што е во функција на развој на државата“, додаде Лепиткова за ТВ Сител.
Претходно и универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски, коментирајќи ја состојбата на глобално ниво, појасни дека критичните минерали се оние за кои има најголема побарувачка, а тоа се најчесто минералите кои се користат за складирање и добивање на електрична енергија, понатаму за производство на електрични возила, но и во користењето на компјутерите за дигитализација. Тој истакна дека најчесто тоа се металните минерали, како бакарот, кадиумот, никелот, кои се користат за производство на батерии. Според него, Македонија во моментов е во статус-кво состојба – што значи дека имаме потенцијал, но е неискористен.
„Направени се минералните испитувања, докажано е дека постојат, но досега не ги искористуваме и всушност ова се нашите „пет минути“, коишто можат да поминат, а ние така да останеме, зашто овие критични минерали во моментов се потребни. Кога за неколку децении ќе се заситат, тие метали коишто се
сега во моментот критични, можеби нема веќе да бидат критични“, оцени Начевски.
Според него, дел од државите што ги поседуваат овие минерали, си ги преработуваат и ги користат за сопствено производство, па оттаму и се споменува терминот „нова геополитика на минерали“.