Македонија

По објавата на 4news.mk исчезна профилот на кој малолетници објавуваа снимки од уништување на имот низ Скопје

По објавата на 4news.mk исчезна профилот на кој малолетници објавуваа снимки од уништување на имот низ Скопје

Профилот „zycx_urbex“ на социјалната мрежа Инстаграм, на кој беа објавувани видеа од малолетници како упаѓаат во туѓи објекти, кршат катанци и се качуваат по згради, повеќе не е достапен.

Профилот исчезна откако редакцијата на 4news.mk го пријави случајот до Министерството за внатрешни работи (МВР), а Секторот за компјутерски криминал потврди дека ќе започне постапка за откривање на сторителите.

Засега не може со сигурност да се утврди дали профилот е избришан од неговите корисници, деактивиран од самата платформа или отстранет по пријава.

Од МВР, во одговорот доставен до нашата редакција, не беше наведено дека профилот е отстранет по нивно барање.

Претходно 4news.mk објави дека преку профилот се споделуваат снимки од опасни активности во кои учествуваат најмалку две деца. На видеата се забележува нивно влегување во туѓи објекти, оштетување на имот и други ризични постапки, кои можат да имаат сериозни последици и по нивната безбедност.

По нашето известување, од Секторот за компјутерски криминал при МВР потврдија дека не биле претходно запознаени со спорниот профил и најавија постапка за идентификување на лицата што стојат зад објавените содржини.

Исчезнувањето на профилот го прави недостапен дел од содржините што претходно беа јавно објавени, но не значи дека случајот е затворен. Надлежните институции остануваат со задача да утврдат кој ги креирал и објавувал снимките и дали со активностите биле сторени прекршоци или кривични дела.

4news.mk продолжува да го следи случајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни