Судењето за случајот „Онкологија“, во кој поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца онколози се обвинети за несовесно лекување пациенти, продолжи со нови наводи од одбраната во врска со медицинската документација и начинот на кој биле донесувани одлуките за терапија.
Техничкиот советник на првообвинетиот Васев, доктор Владимир Даниловски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје посочи дека по дополнителен увид во документацијата утврдил дека вештото лице на Обвинителството, доктор Маја Радник од Словенија, не располагала со целокупната медицинска документација за лекувањето на повеќе пациенти.
Како пример, Даниловски посочи пациент за кој постоеле 165 документи поврзани со дадената терапија, но до вештото лице биле доставени само 60. За друг пациент, пак, според неговиот исказ, не била доставена документација за 11 години лекување, туку само за последните неколку месеци.
Одбраната посочува и дека лекувањето на дел од пациентите не било во рацете на еден лекар. Во зависност од случајот, во третманот учествувале од три до шест, а во одредени случаи и до осум медицински лица.
Даниловски наведе пациенти чие лекување започнало кај второобвинетата Мери Пешевска, која претходно призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор, но и пациенти кои биле третирани од други онколози или надвор од Клиниката за онкологија.
Според одбраната, поради ваквата распределба на лекувањето, не може да се прави изолирана процена на постапувањето на еден лекар, туку потребно е да се анализира уделот на сите онколози кои учествувале во лекувањето на конкретните пациенти.
„Носењето терапевтски одлуки не било изолиран, туку континуиран клинички процес“, е ставот што го образложува одбраната.
Дополнително, одбраната тврди дека од вкупно 31 пациент чие лекување му се става на товар на Нино Васев, тој директно учествувал во лекувањето на шест пациенти. Од вкупно 35 лекари на Клиниката за онкологија, 28 учествувале во лекувањето на пациентите опфатени во предметот.
Бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски, на пауза од рочиштето изјави дека Мери Пешевска учествувала во лекувањето на 22 од пациентите опфатени во предметот. Според него, таа ќе биде повикана да сведочи во постапката.
Одбраната со овие наводи настојува да покаже дека лекувањето на пациентите било сложен и тимски процес и дека не може индивидуалната одговорност да се утврдува без целосен увид во медицинската документација и во постапувањето на сите лекари кои учествувале во терапевтскиот процес.