Истрагата за спорните набавки на мазут за ТЕЦ Неготино ќе продолжи, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот поднесен од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) против одлуката за запирање на постапката.
Надлежниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство донел решение со кое е задолжено Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи истрагата против 13 физички и едно правно лице, за кривичните дела злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари.
Од Вишото обвинителство посочуваат дека се утврдени слабости во вештачењата врз кои обвинителот од ОЈО ГОКК ја темелел одлуката за запирање на истрагата. Поради тоа, дадени се дополнителни насоки за продолжување на постапката и целосно расчистување на случајот.
Во продолжението на истрагата треба да се утврдат сите поединечни дејствија на осомничените, односно дали и кој од нив презел директни дејствија или дејствија на помагање.
Особено треба да се испита дали преку ЕСМ, со злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет и под повикување на повластената законска основа од член 23 од Законот за јавните набавки, било овозможено стекнување имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
ОЈО ГОКК е задолжено да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења. Целта е детално да се испитаат сите околности и да се утврди дали постои основ за кривична одговорност на осомничените.