Македонија

Данела Арсовска избрана во работната група на G20 B20 за економски раст

Данела Арсовска избрана во работната група на G20 B20 за економски раст

Екс градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, објави дека е избрана за член на G20 United States B20 2026 Economic Growth Task Force, работна група која се занимава со прашања поврзани со глобалниот економски раст и развој.

Арсовска преку објава на социјалните мрежи изрази благодарност за довербата и истакна дека е горда што ќе има можност да придонесе со своето искуство во оваа меѓународна иницијатива.

„Навистина ми е чест што се приклучувам на работната група за економски раст на G20 United States B20 2026, придонесувајќи кон една од највлијателните светски платформи за јавно-приватен дијалог и глобална економска политика“, наведува Арсовска.

Во текот на наредната година, таа ќе работи со носители на високи политички функции, бизнис-лидери и меѓународни експерти, во соработка со Американската стопанска комора (U.S. Chamber of Commerce). Целта е да се развијат препораки за политики кои ќе бидат дел од финалното соопштение на B20, односно заедничкиот глас на глобалната деловна заедница кон лидерите на G20.

B20 е официјална група за ангажман на бизнис-секторот во рамките на G20 и ги поврзува деловните лидери од најголемите светски економии. Според Арсовска, овие земји претставуваат околу 85 отсто од глобалниот БДП и 75 отсто од меѓународната трговија.

Мисијата на B20 е да предлага практични и долгорочно ориентирани политики за поттикнување на економскиот раст, иновациите, инвестициите и меѓународната трговија, како и за создавање поотпорни и поинклузивни економии.

Особено значење има тоа што Соединетите Американски Држави годинава за првпат го преземаат претседавањето со B20, под раководство на U.S. Chamber of Commerce.

Арсовска во објавата посочува дека во рамките на работната група ќе се фокусира на политики кои можат да придонесат за одржлив економски раст, поголема конкурентност, иновации, инвестиции и заеднички просперитет.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни