Медицински проблем кај член на пилотскиот екипаж принудил авион на турската авиокомпанија „Сан Експрес“ да го промени планираниот правец и да слета на Меѓународниот аеродром Скопје. Леталото сообраќало на релацијата Келн – Анталија, а по пријавената итна состојба безбедно слетало во 05:06 часот наутро.
Авионот полетал од аеродромот Келн/Бон кратко по 03:00 часот, но за време на летот над Балканот на копилотот му се слошило. Екипажот испратил сигнал за итен случај со код 7700, со кој контролата на летање се известува дека леталото се соочува со итна ситуација, по што било побарано пренасочување кон Скопје.
Според информациите на германската телевизија „РТЛ“, копилотот се пожалил на болки во стомакот и главоболка. По слетувањето на скопскиот аеродром, на него му била укажана медицинска помош. Од авиокомпанијата засега не соопштија дополнителни детали за неговата здравствена состојба.
Патниците, наместо со првичниот авион, го продолжиле патувањето со резервен „Боинг 737-800“, кој пристигнал во Скопје од Виена. Леталото потоа се упатило кон Анталија, каде што пристигнало околу 16:20 часот по локално време, иако според првичниот распоред слетувањето било предвидено за 08:20 часот наутро.
Од „Сан Експрес“ потврдиле дека авионот бил пренасочен кон Скопје од медицински причини и дека слетувањето поминало безбедно.