Балкан

Рама: Промената на власта во Србија нема да го смени ставот кон независноста на Косово

Рама: Промената на власта во Србија нема да го смени ставот кон независноста на Косово

Победата на опозициското студентско движење на парламентарните избори во Србија не значи и промена на официјалната позиција на Белград кон независноста на Косово. Таква оценка изнесе албанскиот премиер Еди Рама, според кого новата политичка гарнитура не покажува подготвеност да го отвори прашањето за признавање на Косово.

Рама говореше на Самитот за проширување на „Еуроњуз“ во Брисел, каде што ги коментираше резултатите од изборите во Србија и очекувањата од идната влада.

„Тие се целосно затворени за признавањето на Косово, што значи дека музиката во Белград нема да се промени“, изјави Рама.

Албанскиот премиер нагласи дека признавањето на косовската независност е особено важно прашање за него и за Албанците. Сепак, тој предупреди дека Србија не треба да биде изолирана од европските интеграции, бидејќи нејзиното оддалечување од европскиот пат би имало последици за целиот Западен Балкан.

Според Рама, Србија е важен дел од регионот и треба да учествува во заедничката европска иднина. Но, за напредок кон Европската Унија, како што посочи, потребно е исполнување на конкретни обврски.

Меѓу клучните прашања ги издвои нормализацијата на односите со Косово, односот на Белград кон Русија и неусогласувањето со европските санкции.

Победата на студентското движење на изборите отвори очекувања за промени во политичкиот и институционалниот систем на Србија. Во својата програма, студентите во фокусот ги ставија борбата против корупцијата, независноста на институциите и подобрувањето на животниот стандард.

Сепак, кога станува збор за Косово, движењето остана на позицијата против признавање на независноста, повикувајќи се на српскиот Устав.

На самитот во Брисел Рама се осврна и на европската перспектива на Албанија, повторувајќи ја амбицијата пристапните преговори да завршат до крајот на 2027 година. Тој не посочи конкретен датум за членство, но побара Европската Унија посилно да ги вклучи земјите од Западен Балкан во своите процеси, предупредувајќи на ризиците од нивно оставање надвор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни