Утрото во Зелениково почна со звукот на возот што треба да донесе ново олеснување во секојдневното патување кон главниот град. Уште 20 минути пред предвиденото поаѓање, композицијата беше поставена на железничката станица и подготвена за своето прво утринско патување кон Скопје.
Точно според возниот ред, во 6 часот и 20 минути, вратите се затворија и возот тргна. Без доцнење.
Во вагоните, сепак, немаше многу патници. Само четворица го избравме возот за патувањето од Зелениково до крајната дестинација. Мирно и речиси бесшумно, композицијата се движеше кон Скопје, застанувајќи на секоја попатна железничка станица.
Вратите се отвораа, но на пероните немаше никој. Ниту патници што чекаа да влезат, ниту некој што требаше да се симне. По краткото задржување, возот повторно продолжуваше по својата траса.
Иако бројот на патници беше мал, расположението кај железничкиот персонал беше ведро.
„Денеска е бесплатно“, ни рече кондуктерот со широка насмевка, среќен како да му е прв ден на работа. Ни објасни дека таква била одлуката на директорот.
По 28 минути патување, во 6 часот и 48 минути пристигнавме на Железничката станица во Скопје – точно, брзо и без застој.
Првото утринско патување заврши со само четворица патници, но и со надеж дека празните вагони и перони наскоро ќе станат минато. Дали градскиот воз ќе стане вистинска алтернатива за патување до Скопје, ќе покаже интересот на граѓаните во деновите што следуваат.