Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 26 пожари на отворен простор. Според последните информации на Центарот за управување со кризи, два пожари и натаму се активни, четири се ставени под контрола, додека 20 се целосно изгаснати.
До 07:30 часот на 1 септември, активни се пожарите во:
Општина Сарај, на потегот меѓу селата Копаница и Радуша, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација;
Општина Штип, на просторот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде е зафатена ниска вегетација.
Под контрола се четири пожари. Во Општина Македонски Брод пожарот кај селата Битово, Заград и Страјане зафатил нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Пожар е ставен под контрола и кај селото Драгов Дол, каде гореле ниска вегетација и шума.
Во Општина Делчево под контрола е пожарот на градската депонија „Острец“, додека во Општина Зелениково пожарот над селото Палиград зафатил мешана шума.
Во изминатото деноноќие целосно се изгаснати уште 20 пожари на отворен простор.
Меѓу локациите каде што имало интервенции се подрачја во Гази Баба, Врапчиште, Кичево, Ресен, Прилеп, Долнени, Струга, Чашка, Ново Село, Старо Нагоричане, Боговиње, Желино, Кавадарци и Свети Николе.
Во дел од случаите горела ниска вегетација и грмушки, на други места стрништа, пасишта и шума, а регистрирани се и пожари на отпад и депонии.
Од ЦУК потсетуваат на потребата од особена внимателност при движење и активности на отворен простор, особено во услови на зголемен ризик од ширење на пожари.