Македонија

Комисијата за заштита на конкуренцијата го анализира новиот режим на „Hug & Fly“ на скопскиот аеродром

Комисијата за заштита на конкуренцијата го анализира новиот режим на „Hug & Fly“ на скопскиот аеродром

Новите правила за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје се предмет на анализа од страна на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Причина за анализата е новововедениот режим според кој бесплатниот престој до 10 минути е ограничен на еден влез со исто возило во период од 24 часа.

Од Комисијата информираат дека ќе се испитува дали ваквиот режим, имајќи ги предвид условите под кои работат различните такси-превозници и фактот дека постои посебно овластен аеродромски такси-оператор, може да влијае врз условите за конкуренција и пристапот до аеродромската инфраструктура.

Во рамки на анализата ќе се разгледува оправданоста и пропорционалноста на воведените услови, нивното фактичко влијание врз такси-превозниците, како и прашањето дали сите учесници на пазарот имаат еднаков и недискриминаторски пристап до инфраструктурата.

Комисијата нагласува дека во оваа фаза не прејудицира дека постои повреда на правилата за конкуренција. По прибирањето и анализата на сите релевантни информации, ќе биде донесен заклучок за евентуалното понатамошно постапување.

Од институцијата додаваат дека остануваат посветени на обезбедување еднакви услови за сите учесници на пазарот и спречување на однесување кое би можело да доведе до ограничување или нарушување на конкуренцијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни