„Фронтранери каде? На хартија? Што ни вреди тоа на хартија?“ Вака пратеничката Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ја коментираше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е меѓу водечките земји во евроинтегративниот процес и дека може да ги престигне Албанија и Црна Гора по решавањето на спорот со Бугарија.
Петровска оцени дека напредокот кон Европската Унија не треба да се мери само преку политички изјави, туку преку конкретни реформи и резултати.
„Фронтранери треба да бидеме во реалност. Фронтранери треба да бидеме по процент на искористување на претпристапните фондови. Фронтранери треба да бидеме во бројот на донесени закони и вистински реформи“, изјави Петровска.
Таа посочи дека секоја позитивна оценка од европските институции треба да се поздрави, но дека тоа не е доволно доколку државата продолжува да стои во место.
„Не треба да се задоволиме само со тоа. Не треба да речеме – добро, нè пофалија, ајде сега ќе чекаме. Што ќе чекаме и до кога ќе чекаме?“, праша Петровска.
Особено се осврна на иселувањето на граѓаните и добивањето бугарски пасоши, поставувајќи го прашањето дали на таков начин се заштитува македонскиот идентитет.
„Ќе чекаме уште стотици граѓани да земат бугарски пасоши и да се отселат? Тоа така се штити македонскиот идентитет? Не“, порача Петровска.
Таа заклучи дека државата мора да покаже вистински резултати во реформите, наместо напредокот да остане само на ниво на политички пораки.