Македонија

Тошковски: По 30 години повторно се создава нова генерација полициски службеници

Тошковски: По 30 години повторно се создава нова генерација полициски службеници

По три децении пауза, во Македонија повторно започна образованието во Средното полициско училиште „7 Мај“. Денеска официјално беше означен почетокот на наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното училиште.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Полициската академија, каде на првите десет кандидати свечено им ги врачи договорите за школување и им посака успех во претстојниот образовен процес.

Тошковски истакна дека станува збор за значаен ден за македонската полиција, бидејќи по 30 години повторно се врши упис во Средното полициско училиште, каде учениците ќе се стекнуваат со професија полициски службеник.

„Први септември 2026 година. Конечно после 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници, коишто ќе имаат своја професија ‘полициски службеник’ во Македонија со завршено Средно полициско училиште за две години отсега“, рече Тошковски.

Тој посочи дека во следните две години учениците ќе поминат низ процес на образование и професионална подготовка, во кој покрај нивниот ангажман, важна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите.

Според министерот, за успехот на новата генерација ќе бидат потребни посветеност, труд и макотрпна работа од сите учесници во процесот.

„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште“, изјави Тошковски.

Тој им се заблагодари и на сите кои во изминатите две години биле вклучени во повторното воспоставување на училиштето.

Обновувањето на Средното полициско училиште „7 Мај“ има за цел создавање нови генерации професионално обучени полициски службеници, кои во иднина ќе бидат дел од кадровскиот потенцијал на Министерството за внатрешни работи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни