Македонија

1.696 пожари на отворено за три месеци – 69 биле шумски

1.696 пожари на отворено за три месеци – 69 биле шумски

Во периодот од 1 јуни до 31 август годинава, на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 1.696 пожари на отворен простор, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Од вкупниот број, 69 пожари биле шумски, додека најголемиот дел, односно 1.627, биле регистрирани на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума, како и на места со отпад и депонии.

Од ЦУК посочуваат дека во текот на целото лето состојбата со пожарите била континуирано следена, а биле координирани надлежните институции и расположливите ресурси со цел навремена интервенција, спречување на ширењето на огнот и заштита на населението и материјалните добра.

Директорот Али упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и одговорни, со оглед на опасноста од избувнување и ширење на пожари.

„Да не се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат отпушоци и запалив отпад во природата, а секое забележано чадење или пожар веднаш да се пријави на единствениот број за итни случаи 112“, порача Али.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни