Македонија

„Комити“ најавија бојкот на Вардар: Бараат оставка од управата предводена од Миленко Неделковски

„Комити“ најавија бојкот на Вардар: Бараат оставка од управата предводена од Миленко Неделковски

Тензиите меѓу навивачката група „Комити“ и раководството на ФК Вардар продолжуваат да се зголемуваат. Навивачите преку соопштение објавено на социјалните мрежи најавија целосен бојкот на натпреварите на клубот, кој, како што велат, ќе трае сè додека управата на чело со Миленко Неделковски не поднесе оставка.

Одлуката, според „Комити“, била донесена на отворен состанок и претходно била разгледана со сите подгрупи, кои едногласно ја поддржале.

Како причини за бојкотот навивачите го наведуваат, како што велат, „аматеризмот и примитивизмот“ во функционирањето на клубот, како и незадоволството од одлуките на управата и односот кон навивачите.

Особено го посочуваат последниот натпревар, кога, според нивните тврдења, дошло до инцидент со обезбедувањето и млади членови на групата. „Комити“ велат дека тоа било последниот чин по кој одлучиле да преземат конкретни мерки.

Како дел од најавените активности, навивачите во понеделник ќе бидат присутни на натпреварот против Арсими, кој е закажан за 19 часот на стадионот на ФФМ. Според нивното соопштение, тоа ќе биде последното присуство пред официјалниот почеток на бојкотот.

„Комити“ најавија и организирано доаѓање на натпреварот, со собир во 18:15 часот на последната автобуска постојка на „5-ка“ во Ново Лисиче, по што во 18:45 часот планираат заеднички да се упатат кон стадионот.

Во соопштението тие бараат контролата при влезот на стадионот да ја врши исклучиво полицијата, а најавуваат дека по натпреварот со Арсими целосно ќе се повлечат од трибините на фудбалскиот клуб.

Фокусот, според најавата, ќе го пренасочат кон натпреварите на РК Вардар, додека дополнително ќе информираат за своите активности.

На крајот, навивачката група упати повик за масовно присуство на понеделничниот натпревар, со порака за единство околу клубот и барање за промени во неговото раководење.

Инаку, Вардар по четири одиграни кола во новата сезона има шест бодови и моментално се наоѓа на петтото место на табелата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни