Со одлука на Собранието, Народната банка добива нова вицегувернерка. Арљинда Хасани Синани е именувана на функцијата на предлог на гувернерот Трајко Славески, со мандат во траење од седум години.
Хасани Синани е дипломирана економистка, која зад себе има 22 години професионално искуство во банкарскиот сектор. Во текот на кариерата работела на стручни и раководни позиции поврзани со кредитирањето, управувањето со ризици и деловното банкарство.
Нејзиното работно искуство вклучува повеќе раководни позиции во „Прокредит банка“ АД Скопје и „Стопанска банка“ АД Скопје. Од 2023 година била регионален директор за Северозападниот Регион во „Стопанска банка“.
Во професионалниот ангажман има искуство и во области поврзани со регулативата и супервизијата, управувањето со ризици и корпоративното управување. Била вклучена и во работата на повеќе комитети и органи во рамките на банкарските институции.
Предлогот за нејзино именување во Собранието го образложи гувернерот Трајко Славески, кој ја претстави како професионалец со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор.
Со преземањето на функцијата, Хасани Синани ќе биде дел од раководството на Народната банка, институција чија основна задача е одржување на стабилноста на финансискиот систем и придонес кон одржлив економски развој.
На функцијата вицегувернер таа доаѓа на местото на досегашниот вицегувернер Фадил Бајрами, чиј мандат завршува на 14 септември 2026 година.