Денеска во Скопје, на 71-годишна возраст, почина универзитетскиот професор и дипломат Јован Донев, оставајќи зад себе богата академска, научна и дипломатска кариера посветена на македонската историја, меѓународните односи и геополитиката на Балканот.
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1979), каде што подоцна магистрирал и докторирал (1993). Работел како научен советник и редовен професор во Институтот за национална историја, а предавал и на Универзитетот „Американ колеџ“ и на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Раководел со Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ (1999–2012), бил директор на Охридскиот летен универзитет, а во 90-тите претседавал со Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество Македонија. Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност.
Од 2013 до 2017 година ја вршеше функцијата амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство, акредитиран и за Ирска и Исланд.
Професорот Донев е автор на голем број научни трудови посветени на македонското прашање, меѓународните договори и влијанието на големите сили врз Балканот.