Телефонот наскоро би можел да стане место каде граѓаните ќе ги имаат своите најважни лични документи. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека во октомври официјално ќе биде промовирана мобилната апликација m.Uslugi.
Преку апликацијата ќе бидат достапни дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола, но и две електронски услуги наменети за граѓаните.
„Официјално можам да објавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација „м.Услуги“. На неа ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните“, истакна Андоновски.
Целта на новата апликација е административните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, овозможувајќи им на граѓаните преку мобилен телефон да имаат пристап до дигитални документи и електронски услуги на едно место.
Во подготовката на апликацијата, како што посочи министерот, посебно внимание се посветува на сајбер-безбедноста, заштитата и безбедното складирање на личните податоци. Во тек е и усогласувањето на начинот на размена на податоци со Министерството за внатрешни работи, кое располага со податоците потребни за дигиталните документи.
„Во завршна фаза сме на хармонизирање и потпишување на протоколот за размена на податоци, како и на тестирање на апликацијата. Сакаме да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и лесен за користење пред да биде достапен за сите“, рече Андоновски.
Апликацијата ќе може да се преземе преку App Store и Google Play. Нејзината тест-верзија досега ја презеле околу 6.000 граѓани.
Со официјалното пуштање на m.Uslugi, мобилниот телефон треба да добие уште една функција – дигитален пристап до личните документи и дел од услугите на државната администрација.