Опозицијата бара поголема транспарентност околу најавените дата-центри во земјава, откако премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата преговара со потенцијални инвеститори. Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска предлага Собранието да одржи надзорна расправа на која би се отвориле прашањата за условите под кои би се реализирале овие инвестиции.
Петровска смета дека самата идеја за изградба на дата-центри не треба да биде спорна, бидејќи ваквите проекти можат да придонесат за технолошки развој, нови инвестиции, сајбер-безбедност и отворање можности за домашниот ИТ-сектор.
„Дата-центрите не се проблем. Проблем се тајните договори и матните одговори што ги добиваме од Владата. Македонија не треба да бега од иднината, но не смее ниту да ја прифаќа со затворени очи“, наведува Петровска во објава на социјалните мрежи.
Според неа, станува збор за потенцијално големи инфраструктурни проекти кои можат да имаат значително влијание врз потрошувачката на електрична енергија и вода, користењето државно земјиште, изградбата на инфраструктурата, како и врз даночната политика и долгорочните обврски на државата.
Петровска предупредува дека токму поради големината на инвестициите и вредноста на ресурсите, јавноста треба да има јасен увид во процесот на преговори.
„А каде што има големи пари, вредни ресурси и договори зад затворени врати, секогаш постои сериозен ризик од корупција. Затоа предлагам во Собранието да се одржи надзорна расправа за најавените дата-центри“, пишува таа.
Пратеничката бара Владата да одговори кои се потенцијалните инвеститори, според кои критериуми се избрани и колкави ресурси би користеле планираните центри.
Меѓу прашањата што ги поставува се и тоа колку земјиште, електрична енергија и вода би биле потребни, по која цена би ги добивале инвеститорите и кој би ја финансирал потребната инфраструктура.
Дополнително, Петровска бара информации за евентуалните даночни и други поволности што би им биле понудени на инвеститорите, како и за бројот на трајни и добро платени работни места што реално би се создале.
„Кој ќе гарантира дека трошокот нема да падне врз граѓаните, додека профитот останува само кај приватните инвеститори?“, прашува Петровска.
Таа смета дека на евентуалната надзорна расправа треба да бидат повикани и експерти и претставници на еколошкиот сектор, со цел да се разгледаат сите аспекти на најавените инвестиции.
„Никој разумен не треба однапред да биде против дата-центрите. Но секој разумен граѓанин треба да биде против тајни преговори чија сметка на крајот може да ја плати токму тој“, порачува Петровска.