Македонија

Становите на Груевски поевтини за 200.000 евра, државата повторно ги продава

Становите на Груевски поевтини за 200.000 евра, државата повторно ги продава

Трите луксузни апартмани во комплексот „Панорама Резиденс“ на Водно повторно се најдоа на продажба, но овојпат по значително пониски цени. По три неуспешни обиди да се најдат купувачи, Агенцијата за управување со одземен имот ги намали почетните цени за околу 200.000 евра по стан.

Имотот е одземен со правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој обвинителството тврдеше дека становите претставуваат скриен имот поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски.

Најголемиот пад во цената е забележлив кај станот со површина од 199 квадратни метри. Откако претходно се нудеше за 847.000 евра, сега почетната цена е 635.200 евра.

Станот од 155 квадратни метри, кој претходно чинеше 760.000 евра, сега се продава за 569.662 евра. Третиот апартман, со површина од 200 квадратни метри, е понуден за 638.000 евра, односно за околу 212.000 евра помалку од претходната цена.

Трите апартмани заедно имаат површина од 750 квадратни метри. Становите се луксузно опремени, а располагаат и со големи балкони од по 48 квадратни метри.

Еден од апартманите, со внатрешна површина од 155 квадратни метри, има балкон од 48 квадратни метри и, според објавените фотографии, е опремен и со џакузи. Останатите два стана се со површина од 199 и 200 квадратни метри, исто така со балкони од по 48 квадрати.

Потенцијалните купувачи ќе имаат можност да ги разгледаат становите на 10 септември, додека електронското јавно надавање е закажано за 21 септември.

Случајот „Плацеви на Водно“ се однесува на незаконското стекнување имот и злоупотреба на партиски донации. Груевски во прв степен беше осуден на седум години затвор, а Апелацискиот суд ја преиначи пресудата и ја зголеми казната на девет години.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски, тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, наместо средствата да ги прикаже како донации на партијата, за себе наводно прибавил околу 1,3 милион евра, кои потоа ги користел за купување парцели на Водно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни