И покрај пониските од вообичаените нивоа на складирање на гас за овој период од годината, не постои непосреден ризик за безбедноста на снабдувањето со гас во Европската Унија, објави Европската комисија по состанокот на Групата за координација на гас, која е составена од претставници на Комисијата и земјите-членки.
На состанокот се потврди дека ситуацијата на глобалните енергетски пазари останува исклучителна и бара внимателно следење, но исто така значително се разликува од онаа од 2021 и 2022 година, кога нивоата на складирање беа далеку под петгодишниот просек. „Денес, Европската Унија е подобро подготвена благодарение на зголемената диверзификација, поголемиот капацитет за увоз на течен гас и намалената побарувачка за гас“, се вели во соопштението.
Складишните капацитети се полни со 63 проценти
Во последната недела од август, складиштата за гас во ЕУ беа полни со околу 63 проценти, што е далеку под просекот од 80 проценти за крајот на август.
„Врз основа на историските проекции, ЕУ е на добар пат да постигне соодветно ниво на зимска подготвеност. Во сегашните околности, Комисијата не гледа причина да интервенира. Гасниот систем на ЕУ е доволно отпорен за да се справи со пониските нивоа на складирање за претстојната зима“, се вели во соопштението.