Македонија

Во телефонот на судијата Ристов пронајдени броеви на Боки 13, Ѓаволот, Цандо, Беџети, Азманов, Јахоски

Во телефонот на судијата Ристов пронајдени броеви на Боки 13, Ѓаволот, Цандо, Беџети, Азманов, Јахоски

Во продолжението на судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов, обвинителството презентираше податоци извлечени од неговиот мобилен телефон, користен во 2023, а повторно активиран во 2025 година.

Од екстрахираните податоци, според обвинителството, во телефонот биле пронајдени телефонски броеви и комуникации со повеќе лица, меѓу кои Исмет Гури, обвинет во „Титаник 3“, Александар Вељановски – Цандо, пријател на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, гинекологот Марјан Стојоски, Антонио Георгиев – Визија Т, Бојан Јовановски – Боки, како и апелациониот судија Енвер Беџети.

Меѓу контактите биле и Ана Камчева, Зоран Азманов, Исмаил Јахоски – Бабе, Фехми Стафа, Фросина Ременски, како и лица заведени како „Гури УЈП“, „Пуцко“ и „Вице Заев“. Дел од овие лица се споменуваат само преку телефонски броеви или имиња зачувани во уредот, додека кај дел биле пронајдени и комуникации.

Обвинителката Искра Хаџивасилева презентираше и пораки поврзани со судски предмети. Во една од нив Ристов го прашува колегата Енвер Беџети: „Друже како ти стои сега со ова што го имате КСЗ, ме прашува една колешка, брат и’ бил?“.

Во друга комуникација се споменува „предмет кај колешката Букурие“, при што Ристов наведува дека е важно предметот да биде завршен до одреден рок поради друг предмет поврзан со Маја.

Од презентираните пораки, обвинителството го опиша Ристов како своевиден „шалтер“ во Апелациониот суд Скопје. Во една од комуникациите, непознато лице му пишува: „И вториот предмет им помина. Што е работава, нели беше средено?“.

Ристов е обвинет откако во семејната куќа во Неготино, во дупка зад плочките во кујната, биле пронајдени 350.000 евра.

На рочиштето беше презентиран и наодот од финансиското вештачење на приходите и имотот на Ристов и неговата сопруга Симона Ристова за периодот од 2016 до 2024 година.

Вештакот Ѕвонко Кочовски посочи дека месечните примања на Ристов во 2016 година биле околу 60.000 денари, во 2019 околу 75.000, а во 2024 година меѓу 115.000 и 120.000 денари. Кај неговата сопруга, месечните примања се движеле од околу 17.000 денари во 2016 година до околу 90.000 денари во 2024 година.

Во вкрстеното испрашување, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека на сметките на Ристов во пет банки имало околу 25 милиони денари, а на сметките на неговата сопруга околу 11 милиони денари, односно вкупно околу 36–37 милиони денари, што според него е околу 600.000 евра. Вештакот го потврди износот.

Адвокатот посочи и дека кај мајката на Ристов, Донка Ристова, биле утврдени средства во износ од околу 975.000 евра, како и дека Ристов во 2017 година уплатил 1,23 милиони денари за рата за купување стан.

На крајот од испрашувањето, вештакот рече дека не може да го утврди потеклото на парите на Ристов и членовите на неговото семејство.

Според одбраната, околу 570.000 евра од средствата на Ристов остануваат необјаснети, но адвокатот најави дека нивниот вештак на следните рочишта ќе го презентира потеклото на парите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни