Македонија

Поскапе меѓуградскиот превоз, до 11.000 денари месечно за патување до работа

Поскапе меѓуградскиот превоз, до 11.000 денари месечно за патување до работа

Група граѓани и редовни патници покренаа петиција „За фер цени на меѓуградскиот превоз“, откако од 1 септември биле зголемени цените на месечните билети на повеќе релации кон Скопје.

Според информациите од иницијативата, месечниот билет на релацијата Скопје–Тетово поскапел од 5.500 на 6.500 денари, а на релацијата Скопје–Куманово од 5.000 на 6.000 денари. За патување меѓу Скопје и Гостивар, месечниот билет сега изнесува 8.000 денари.

Патниците велат дека новите цени претставуваат сериозен финансиски товар за работниците, учениците и студентите кои секојдневно патуваат. Како пример посочуваат дека лице со плата од 26.000 денари треба да одвои една четвртина од примањата за месечен билет од 6.500 денари.

Доколку патник купува два единечни билети дневно, по цена од 250 денари, за 22 работни дена трошокот би достигнал 11.000 денари месечно, односно 132.000 денари годишно.

Од иницијативата тврдат дека патниците не биле јасно и навремено информирани за новите цени, датумот на нивната примена и причините за поскапувањето. Тие бараат надлежните институции да утврдат врз основа на кои економски параметри биле формирани цените, кој ја контролира нивната оправданост и кој врши надзор над примената на ценовниците.

Во петицијата се бара преиспитување на поскапувањето, јавно образложение за неговата економска основа, институционална контрола и навремено информирање при секоја промена на цените. Иницијаторите предлагаат и поповолни модели за редовните патници, семејствата, учениците и студентите, како и системско надоместување на трошоците за превоз до и од работното место.

Тие предупредуваат дека високите трошоци може да ги принудат граѓаните почесто да користат приватни автомобили или да размислуваат за преселување во Скопје, што дополнително би ги зголемило сообраќајниот метеж, загадувањето и притисокот врз јавната инфраструктура.

Петицијата е достапна за потпишување преку онлајн формулар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни