Во текот на изминатото деноноќие низ земјава биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, 27 се целосно изгаснати, три се ставени под контрола, додека еден пожар и натаму е активен.
Според информацијата на ЦУК, до 07:30 часот денеска активен е пожарот кај село Грачани во Општина Ѓорче Петров. Пожарот во моментов е активен на територијата на Република Косово, каде што зафатил шумска површина.
Под контрола се ставени уште три пожари. Во Општина Сарај горело кај село Копаница, каде што бил зафатен дел со нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Пожар е регистриран и во село Брест, на месноста Рамно на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево, каде што горела мешана шума. Третиот пожар под контрола бил меѓу селата Буринец и Локов во Општина Струга, каде што била зафатена нискостеблеста шума.
Во текот на изминатото деноноќие се интервенирало и на повеќе други локации низ земјава. Меѓу нив се и Градскиот парк во Центар, Визбегово кај хотелот „New Star“, Депонијата Буково во Охрид, како и повеќе локации во Струга, Прилеп, Бутел, Зелениково, Велес, Липково, Ранковце, Брвеница, Желино, Маврово и Ростуше, Битола, Струмица, Градско, Гостивар и Куманово.
Најголем дел од изгаснатите пожари биле предизвикани на површини со ниска вегетација, сува трева и стрништа, но горело и на депонии, како и во шумски подрачја.
Од ЦУК продолжуваат да го следат развојот на состојбата на терен, особено кај активниот пожар во близина на Грачани, кој во моментов се наоѓа на територијата на Косово.