Свет

Напад врз електричната мрежа во Германија: Полицијата истражува можна координирана саботажа

Напад врз електричната мрежа во Германија: Полицијата истражува можна координирана саботажа

Германските власти истражуваат можна координирана саботажа врз енергетската инфраструктура, откако беше нападната електроенергетската мрежа во близина на електраната Јеншвалде во јужен Бранденбург, во близина на Берлин.

По нападот се појавило писмо во кое непознати лица ја преземаат одговорноста за инцидентот. Полицијата во моментов ја проверува автентичноста на документот.

„Автентичноста на писмото е предмет на истрага и во овој момент не можеме ниту да ја потврдиме ниту да ја отфрлиме“, изјавила портпаролката на полицијата, додавајќи дека засега не е познато кога ќе заврши проверката, пренесува „Шпигел“.

Увидот во трафостаницата во Турнов-Прелаук продолжил во текот на претпладнето, поради што сообраќајот на државниот пат Л50 бил прекинат неколку часа. Полицијата околу пладне соопштила дека оперативните активности на теренот се завршени.

Повеќе од десет направи

Полицијата спроведува истрага за можна саботажа на електроенергетската мрежа, а случајот се разгледува и во контекст на сомневања за можно здружување во терористичка организација.

Според досегашните информации, непознати сторители во вторникот наутро користеле импровизирани пиротехнички направи, слични на новогодишни ракети, со кои насочувале проводлив материјал кон далекуводи со висок напон, со цел да предизвикаат краток спој.

Досега биле пронајдени повеќе од десет вакви направи. Операторот на електроенергетската мрежа соопштил дека, и покрај инцидентот, немало прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Само неколку часа подоцна бил регистриран дефект на трафостаница во Бергхајм, во близина на Келн. Властите соопштиле дека и таму во близина биле пронајдени фрлачи и пиротехнички средства.

Министерството за внатрешни работи на Бранденбург оценило дека сè повеќе индиции укажуваат оти двата инцидента би можеле да бидат дел од координирана акција против германското енергетско снабдување.

„Сè сме посигурни дека постои поврзаност“

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, исто така смета дека поврзаноста меѓу двата инцидента е многу веројатна.

„Сега сме прилично сигурни дека постојат многу сличности“, изјавил Ројл за емисијата „heute journal“ на германската телевизија ZDF.

Безбедносните служби се сомневаат дека зад неколку саботажи во изминатите години би можеле да стојат левичарски екстремисти, меѓу другото и поради писма за преземање одговорност кои истражителите претходно ги оцениле како автентични.

Сепак, министерот од Бранденбург посочил дека начинот на кој бил извршен нападот во неговата покраина се разликува од претходните случаи. Засега нема докази дека зад инцидентот стои странска сила или дека станува збор за разузнавачка операција.

Баран подобар систем за заштита на критичната инфраструктура

Инцидентите повторно ја отворија дебатата во Германија за заштитата на критичната инфраструктура.

Ројл побара преиспитување на овластувањата на операторите на ваквите објекти, особено во делот на нивната физичка и техничка заштита.

Меѓу прашањата што треба да се разгледаат се можноста операторите да користат видеонадзор, како и дали во иднина би можеле да имаат сопствени системи за одбрана од дронови.

Бранденбург најавува нов безбедносен центар

Како одговор на саботажата, Бранденбург најави формирање нов безбедносен центар и забрзување на законските процедури за заштита на критичната инфраструктура.

Во таканаречениот „безбедносен центар од 360 степени“ треба да се обединат информации од разузнавачките служби, полицијата, противпожарните и спасувачките единици. Во проектот ќе бидат вклучени и локалните власти, како и координативната служба на Министерството за внатрешни работи.

Властите сакаат што поскоро да се донесе закон со кој на операторите би им се овозможило да преземат поголема одговорност за заштитата на сопствените објекти. Досега ваквите надлежности главно ги имаа покраинската и федералната полиција, како и германската армија.

Германија претходно ја обвини Русија за инцидент во Лајпциг

Случајот доаѓа во период на зголемена загриженост во Германија поради можни напади врз критичната инфраструктура.

Претходно оваа недела германските власти официјално ја обвинија Русија за обид за напад со дрон врз украински транспортен авион „Антонов“ на аеродромот Лајпциг-Хале.

Инцидентот дополнително ги заостри односите меѓу Берлин и Москва и предизвика разговори во НАТО за заштитата на клучните транспортни и стратешки инфраструктурни точки во Европа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни