Македонија

Превозниците најавуваат нови протести: Се заканува блокада на границите со ЕУ

Превозниците најавуваат нови протести: Се заканува блокада на границите со ЕУ

Незадоволството на превозниците од Западен Балкан поради правилата за престој во Шенген повторно се засилува. Откако веќе беа организирани протести во повеќе градови во регионот, превозниците најавуваат нови активности и можни блокади на товарните гранични премини кон Европската Унија.

Во регионот како можен датум за координирана блокада се споменува 14 септември. Сепак, кога станува збор за македонските превозници, засега станува збор за најавен, односно предложен протест, за кој е потребна согласност од превозниците и одобрение од надлежните институции.

Главното барање е поврзано со правилото според кое државјани на земји кои не се членки на ЕУ, а немаат друг регулиран статус, можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.

Проблемот за професионалните возачи е што нивната работа подразбира чести и долги патувања низ повеќе европски држави. Со воведувањето на електронскиот систем за влез и излез (EES), престојот се евидентира дигитално, со што многу потешко може да се избегне или погрешно пресмета дозволениот период.

Од Европската комисија неодамна посочија дека се свесни оти одредени професии, меѓу кои и возачите на камиони, поради природата на работата можат да имаат потреба од подолг престој од предвидените 90 дена во период од 180 дена.

Сепак, засега нема промена на постојното правило. Од Брисел објаснуваат дека EES не воведува ново ограничување, туку овозможува постојните правила за престој да се применуваат и контролираат попрецизно.

Превозниците, пак, бараат посебно решение за професионалните возачи, со оглед на тоа што нивното движење низ земјите од ЕУ е дел од работните обврски, а не туристички престој.

Како можни решенија се разгледуваат долгорочни визи и дозволи за престој, билатерални договори, како и евентуално воведување посебен европски режим за професионалните категории со висока мобилност.

И Европската Унија веќе го препознава проблемот како прашање кое треба да се разгледува. Сепак, заедничко решение кое би им овозможило на возачите непречено да ги извршуваат транспортните маршрути низ повеќе земји сè уште не е донесено.

Поради тоа, превозниците од регионот продолжуваат со притисок врз европските институции, а најавите за нови протести и можни блокади остануваат на маса.

Доколку дојде до реализација на најавените активности, тие би можеле дополнително да го отежнат товарниот сообраќај на граничните премини меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни