Само еден момент на невнимание може да биде доволен за мало дете да дојде во контакт со опасна супстанца. Во Куманово годинава биле згрижени 16 деца со пријавено труење, а најчесто станувало збор за деца на возраст од две до четири години.
Од Детското одделение при Општата болница во Куманово информираат дека најмногу случаи има поради внесување лекови, средства за чистење и други хемиски производи што се наоѓаат во домаќинствата.
Началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска, посочува дека меѓу најчестите причини се различни видови лекови – од антибиотици и седативи до терапии за срцеви заболувања и дијабетес. Опасност претставуваат и детергентите, пестицидите, како и одредени растенија кои децата ги пробуваат од љубопитност.
Иако во најголем број случаи симптомите се полесни, труењето може да има и сериозни последици. Кај потешки случаи може да дојде до губење на свеста, додека одредени хемиски средства можат да предизвикаат сериозни оштетувања на хранопроводот и желудникот.
Лекарите апелираат родителите и старателите сите лекови и хемиски средства да ги чуваат на места недостапни за децата. Особено внимание треба да се посвети на бензинот, разредувачите, боите, детергентите, пестицидите и останатите препарати што се користат во домаќинството.
Од Детското одделение предупредуваат и дека опасните средства не треба да се префрлаат во други шишиња или амбалажи. Производите треба да останат во оригиналните пакувања со јасни ознаки, бидејќи во спротивно детето може да ги помеша со пијалак или друг безбеден производ.
Доколку постои сомневање дека детето проголтало лек или хемиско средство, лекарите советуваат веднаш да се побара медицинска помош. При носењето на детето во болница, корисно е со себе да се понесе кутијата или шишето од производот, за лекарите да можат да утврдат за која супстанца станува збор, која количина можеби била внесена и колку време поминало од инцидентот.
Особено важно е детето што поскоро да биде прегледано, а според лекарите, најдобро е тоа да се направи во првите два часа.
При сомневање за труење со хемикалии или детергенти, родителите не треба самостојно да предизвикуваат повраќање. Кај корозивните средства тоа може дополнително да го оштети организмот.
Лекарите нагласуваат дека превенцијата и едукацијата на родителите се едни од најважните мерки за спречување на вакви несреќи, особено во домови каде што има мали деца.