Родителите кои треба да обезбедат одобрение за патување во странство за своите деца треба да го имаат предвид новото работно време на шалтерот во Одделението за управни работи – Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека шалтерот во зградата на МРТВ, каде што се издаваат „Одобренија за патување во странство за малолетни лица“ до 14-годишна возраст, ќе работи со изменет распоред.
Услугата ќе биде достапна од понеделник до петок, во периодот од 09:00 до 17:00 часот.
Во сабота шалтерот нема да работи.
Од МВР апелираат граѓаните навреме да ги планираат посетите и да го земат предвид новото работно време, со цел постапката за издавање на одобренијата да се одвива непречено и ефикасно.