Македонија

Пуканиот пеликан во Дојран е спасен, доби мандра за престој и оброк

Пуканиот пеликан во Дојран е спасен, доби мандра за престој и оброк

Осамениот пеликан кој изминатите две недели ги привлекуваше погледите на посетителите во Дојран поради необичното приближување до луѓето бил ранет, но за среќа нема скршеница на крилото или ногата.

Птицата вчера била прегледана од ветеринарот Ристо Ичков од Богданци, во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Општина Дојран. При прегледот било утврдено дека пеликанот најверојатно бил погоден со сачмарка под десното крило.

„На десната страна има знаци на паднати пердуви и месото е поцрнето, што значи дека имала рана“, објаснил ветеринарот Ичков.

Бидејќи птицата била изнемоштена, ветеринарниот тим успеал лесно да ја фати и да ја прегледа. Раната била исчистена, а пеликанот добил антибиотик и дополнителна терапија. Утврдено било и дека е дехидриран, поради што му биле дадени витамини.

За да може да се опорави, локалните власти и мештаните обезбедиле посебно место на крајбрежјето, односно мандра, каде што птицата ќе има услови за престој и редовно ќе добива свежа риба од дојранските рибари.

Пеликанот во изминатите денови стана вистинска атракција на социјалните мрежи, откако туристи и жители објавуваа фотографии и видеа од неговото движење во близина на луѓето. Неговата состојба предизвика загриженост и иницијативи за негово спасување.

Според ветеринарот Ичков, пеликаните вообичаено живеат во јата, а повредените или изнемоштените единки може да останат зад јатото доколку не се во состојба да продолжат со него. Се очекува за околу еден месец на Дојранското Езеро да пристигнат и други пеликани, па можно е згрижената птица повторно да се приклучи кон јатото.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека до нив стигнала претставка за состојбата на пеликанот, по што побарале помош од ветеринарните друштва во регионот. Од таму појаснуваат дека дивите животни не се во нивна директна надлежност, туку под надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, но се вклучиле како посредник за да се обезбеди помош.

Случајот повторно ја отвори и потребата од системско згрижување на повредени диви животни. Од АХВ посочуваат дека во соработка со Министерството за животна средина се разговара за можноста во иднина да биде формиран Центар за диви животни во Македонија.

Во меѓувреме, пеликанот останува под грижа на локалните жители и надлежните служби, со обезбедена храна и услови за опоравување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни