Возачите кои секојдневно го користат регионалниот пат Р1106 од утре повторно ќе можат непречено да го користат мостот на Маркова Река. Јавното претпријатие за државни патишта информира дека санацијата е завршена пред предвидениот рок, па мостот од 5 септември 2026 година целосно се пушта во употреба.
Мостот е значаен за локалното население и за граѓаните кои патуваат од Кисела Вода кон Драчево, Зелениково, Батинци и околните населени места.
Во текот на санацијата беа реализирани повеќе градежни активности со кои треба да се подобрат безбедноста и функционалноста на објектот. Беа отстранети старите дилатациони фуги, сливници, асфалтот и тротоарите, по што беше изведена нова бетонска плоча и поставена хидроизолација.
Дополнително, мостот доби нов асфалтен слој и нови тротоари со рабници, а беше санирана и парапетната греда.
Од ЈПДП велат дека градежните работи се одвивале со забрзана динамика, при што периодот со намален интензитет на сообраќајот бил искористен за побрзо завршување на проектот и намалување на застојот и непријатностите за возачите.
Работите ги изведуваше „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ од село Бразда, додека стручниот надзор го вршеше „ЕОС Е.Е.“ ДОО Скопје.
Вредноста на проектот изнесува 4.619.800 денари без ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Од ЈПДП посочуваат дека продолжуваат со активности за одржување и унапредување на безбедноста на повеќе од 1.100 мостови кои се дел од државната патна мрежа, со цел обезбедување сигурен сообраќај за сите учесници.