Удар од гром усмртил 95 овци на планината Јакупица, во близина на врвот Солунска Глава. Животните биле дел од стадо на сточар од селото Горно Јаболчиште, Општина Чашка.
Несреќата се случила на 2 септември, за време на невремето што во попладневните часови зафатило делови од Велешкиот Регион. Според информациите од полицијата, громот удрил во стадото на околу 500 метри под Солунска Глава.
„На 2 септември во СВР Велес е пријавено дека околу 19:30 часот на планината Јакупица, на околу 500 метри под врвот Солунска Глава, од удар на гром угинале 95 овци, сопственост на Т.У. (37) од селото Горно Јаболчиште, Општина Чашка“, соопшти портпаролката на СВР Велес, Ана Милевска-Ѓеоргиева.
Во делот каде што удрил громот не се наоѓал овчарот, ниту поголемиот дел од стадото, кое броело околу 1.200 овци.
Сопственикот го пријавил случајот и во Агенцијата за храна и ветеринарство. Увид на местото, кое се наоѓа на околу 2.500 метри надморска височина, извршиле екипа од СВР Велес и инспектор од АХВ.