Нова серија пожари денеска ја стави на сериозен тест противпожарната служба во земјава. На отворен простор се регистрирани повеќе од 20 пожари, од кои значителен дел сè уште се активни, а екипите на терен работат со полн интензитет.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, попладнево информираше дека најголемо внимание во моментов се посветува на пожарот кај Грачани, кој од косовска страна премина на македонска територија.
Според него, огнената линија е сопрана во делот кон селото Никиштане, кое е обезбедено, а пожарот сега се движи кон магистралниот пат и реката Лепенец, во правец на косовската граница.
„Поголем дел од пожарната линија се одвива од косовска страна, а дел е на македонска страна“, посочи Ангелов, додавајќи дека доколку повторно засили северозападниот ветер, чадот би можел да се почувствува во Скопје.
На пожарот денеска интервенирале „ер трактори“, како и полициски хеликоптер. Ангелов очекува до вечерта да биде воспоставена целосна контрола врз огнената линија.
Активно жариште има и на Скопска Црна Гора, кај Рамно. Според Ангелов, пожарот повеќепати бил повторно активиран, поради што постои сомневање дека е намерно предизвикан. Во неговото гаснење се ангажирани скопските пожарникари и екипи на „Национални шуми“.
Сериозна е состојбата и во Струшко. Пожарот кај Октиси и Подгорци зафатил мешовита шума, вклучително и борова шума. На терен е воспоставена почетна контрола, но гаснењето е отежнато поради густиот и тешко пристапен терен.
Активен е и пожарот во атарите на селата Селци и Локов. Таму екипата на ДЗС, составена од доброволни пожарникари од Битола, работи на последниот дел од огнената линија. Ангелов очекува пожарот да биде целосно изгаснат во текот на денот и да престане да претставува закана за околните села.
Пожар има и во близина на селото Ногаевци кај Градско, каде огнот навлегол во борова шума. Во гаснењето се вклучени велешките пожарникари и огнени тимови на ДЗС.
Во Македонски Брод, кај селото Белица, веќе втор ден гори ниска вегетација, трева, грмушки и трње, а на одредени места огнот навлегува и во шума.
Нови жаришта се регистрирани и кај Тајмиште и Добреноец во Кичевско, а пожар избил и на штипската депонија. Според Ангелов, регистрирани се пожари и на други депонии низ земјава.
Ангелов предупреди дека големиот број пожари претставува сериозен товар за сите ангажирани служби.
„Имаме премногу пожари, нашите сили се преморени, работат пожртвувано и даваат сè од себе“, рече тој, упатувајќи апел до граѓаните да бидат особено внимателни.
Тој посочи дека секое сомнително однесување треба да се пријави, бидејќи, како што рече, постојат индикации дека дел од активните пожари се намерно подметнати.
Како еден од можните мотиви за подметнување пожари Ангелов го наведе и прикривањето на кривични дела поврзани со нелегална сеча и кражба на дрва.