Авион што припаѓа на „Амазон“ излета од пистата на Меѓународниот аеродром Мајами во неделата, а при слетувањето удрил во неколку возила, според објава на „Икс“ од Противпожарната служба на округот Мајами-Дејд и видеоснимки од местото на настанот.
„Екипите затекоа авион зафатен од оган како последица на несреќата, со силни пламени јазици и густ чад“, стои во објавата. Повеќе од 60 противпожарни екипи излегоа на терен за да го изгаснат пожарот и да проверат дали има повредени. Засега не е познато дали некој е повреден во инцидентот.
Преглед на аудиоснимките од управувањето со воздушниот сообраќај, направен од „Си-Ен-Ен“, покажува дека пилотите не прогласиле вонредна состојба пред слетувањето. На видеоснимките товарниот „Боинг 767“ се гледа покрај коловоз во близина на аеродромската зона.
Според портпарол на аеродромот, сите писти се затворени и воведена е привремена забрана за полетувања и слетувања, а авионот е идентификуван како лет на „Прајм Ер“. „Лет 7598 на ‘21 Ер’ излета од пистата по слетувањето на Меѓународниот аеродром Мајами околу 14 часот по локално време“, соопшти Федералната управа за воздухопловство во изјава за „Си-Ен-Ен“. „Товарниот авион ‘Боинг 767-300’ полета од Меѓународниот аеродром Луис Муњос Марин во Сан Хуан, Порторико.“
Авион стар 32 години слетал на писта 30, долга повеќе од 9.000 стапки, според податоците на Федералната управа за воздухопловство. „Си-Ен-Ен“ побара коментар од „Амазон“ и „21 Ер“.
Летот од Сан Хуан траел нешто повеќе од два часа, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“. Станува збор за настан во развој; информациите ќе се дополнуваат.