Македонија

Четири случаи на семејно насилство во едно деноноќие

Четири случаи на семејно насилство во едно деноноќие

Повеќе случаи на семејно насилство се регистрирани во изминатото деноноќие во Охрид, Струга и Скопје. Во еден од случаите, насилството било извршено и покрај претходно изречена судска забрана за вршење семејно насилство.

Во Охрид, во текот на вчерашниот ден во СВР Охрид било пријавено дека З.С. бил агресивен кон сопругата и физички ја нападнал. Притоа, против него веќе било изречено судско решение со кое му се забранува вршење семејно насилство. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

Во Струга, пак, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода 35-годишниот З.В. од селото Велешта. Интервенцијата следувала по пријава дека тој бил агресивен кон членови на своето семејство. По документирањето на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Семејно насилство е пријавено и во Скопје. 37-годишна жена во СВР Скопје пријавила дека била физички нападната од сопругот, 44-годишниот М.Б., во семејниот дом на подрачјето на Центар. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на настанот.

Уште еден случај е пријавен на подрачјето на Карпош. 40-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг Н.Ќ. ѝ упатувал закани во здравствена установа.

И во овој случај полицијата презема мерки за утврдување на сите околности и целосно расчистување на настанот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни