Повеќе од 82 илјади денари, кои биле наплатени од граѓани за погребални услуги, според сомнежите на полицијата не биле уплатени во касата, туку биле противправно присвоени.
Надворешната канцеларија за криминалистичка полиција Свети Николе поднела кривична пријава против 62-годишниот Б.Д. од градот, поради сомнение за сторено кривично дело „затајување“.
Од МВР информираат дека пријавениот бил вработен во ЈП „Комуналец“ Свети Николе како одржувач на вода, а по усна наредба бил ангажиран и како инкасатор на Градскиот пазар.
Во периодот од декември 2022 до декември 2025 година, тој бил задолжен за наплата на сметки за вода, како и за услуги поврзани со погребување.
Според полициските наоди, Б.Д. не ги предал сите наплатени средства, туку противправно присвоил пари собрани од граѓаните за погребални услуги.
Вкупната сума за која постои сомнение дека ја присвоил изнесува 82.180 денари.
Случајот е пријавен до надлежните институции, кои треба да ги утврдат сите околности и одговорноста во конкретниот случај.