Балкан

Ратко Младиќ погребан во Белград со државни и воени почести

Ратко Младиќ погребан во Белград со државни и воени почести

Илјадници луѓе денеска се собраа во Белград за последен пат да се простат од Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој беше осуден на доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Младиќ беше погребан на Топчидерските гробишта со државни и воени почести. Ковчегот, покриен со знамињата на Србија и Република Српска, беше спуштен во гробот додека припадници на Војската на Србија испукаа почесен плотун. Воен оркестар го изведе посмртниот марш, а војници и ветерани беа дел од почесната стража.

Пред погребот, телото на Младиќ беше изложено во црквата „Свети Лука“, каде што голем број граѓани дојдоа да му оддадат последна почит. Дел од присутните носеа српски знамиња, фотографии од Младиќ и маици со пораки во негова чест.

Синот на Младиќ, Дарко, им се заблагодари на присутните за, како што го нарече, „величественото испраќање“. Во емотивното обраќање тој му се обрати на својот татко и го опиша како човек кој „го спасил српскиот народ“.

Ратко Младиќ почина на 27 август во болница во Хаг, каде што ја издржуваше доживотната казна затвор. Тој беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени во периодот од 1992 до 1995 година за време на војната во Босна и Херцеговина.

Неговото име е особено поврзано со масакрот во Сребреница во јули 1995 година, кога силите на босанските Срби под негова команда ја нападнаа заштитената зона на Обединетите нации и беа убиени околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Одлуката Младиќ да биде испратен со државни и воени почести предизвика остри реакции надвор од Србија. Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја откажа најавената посета на Србија, во знак на протест поради, како што беше оценето, глорификацијата на осуден воен злосторник.

Од Европската унија порачаа дека негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам се спротивни на европските вредности и дека немаат место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидати за членство.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој не присуствуваше на погребот, ги отфрли оценките дека државата го глорифицира Младиќ. Тој посочи дека погребот бил организиран од семејството, иако на церемонијата присуствуваа министри и беа обезбедени државни и воени почести.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни