Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, во „Отвореното студио“ на 4ТВ се осврна на предизвиците со кои се соочува државата и на чекорите што, според него, треба да се преземат за да се зајакнат институциите и правната држава.
Гошев смета дека една од првите реформи треба да биде промена на изборниот закон. Според него, со поинаков изборен модел би се намалила партиската контрола врз политиката, а пратениците би добиле поголема самостојност при носењето одлуки.
„Не може лидерите или врвушките од партиите да ја земаат власта во свои раце. Пратениците сепак ќе бидат самостојни и ќе одлучуваат самостојно, по своја совест и знаење“, вели Гошев.
Тој се осврна и на односите меѓу македонската и албанската заедница, при што повика националните прашања да се решаваат преку политики што ќе придонесуваат за поголемо поврзување, а не за поделби.
„Треба да направиме закони за зближување на народите, а не за раздвојување на народите“, порача Гошев.
Во однос на европските интеграции, тој оцени дека членството во Европската Унија треба да се гледа пред сè како правно, а не политичко прашање. Според него, секоја земја треба да ги исполни условите и критериумите неопходни за членство.
Гошев зборуваше и за прашањето на двојното државјанство, нагласувајќи дека државјанството, покрај право, претставува и обврска кон државата.
На крајот, тој упати критики кон функционирањето на институциите и повика Уставниот суд посилно да го штити уставно-правниот поредок.
„Така ќе успееме“, порача Гошев, нагласувајќи дека е потребно институциите да функционираат во согласност со Уставот и законите и да се зајакне правната држава.