Новинарот Горан Михајловски, кој ја следи македонската приказна уште од првите денови на независноста, го чува пасошот со број 101, првите македонски пари и Уставот потпишан од Киро Глигоров.
За него, 8 Септември не е само датум од историјата, туку дел од личниот живот – од првата колумна и машината за пишување, преку ноќта на референдумот и првите дипломатски битки, до денешната Македонија.
Во една зграда на некогашниот печатарски гигант НИП „Нова Македонија“, на третиот кат, Горан Михајловски ја напишал првата колумна „Сакам да кажам“. Било во 1991 година, во време кога Македонија се наоѓала пред една од најголемите одлуки во својата современа историја.
Колумната за првпат била објавена во „Вечер“ на 12 јануари 1991 година. Михајловски бил млад новинар, но веќе имал можност да работи со уредници кои му дозволувале да го кажува она што го мисли.

„Во ‘Вечер’ ја имав таа среќа да имам либерални уредници што ми дадоа шанса да си кажувам што сакам да кажам“, се сеќава тој во „Отвореното студио“ на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија.
На бирото од тоа време стоела машината за пишување што му ја купил чичко му во Белград во 1983 година. Машината подоцна ја заменил лаптоп, но „Сакам да кажам“ продолжила да живее. Прво во „Вест“, весникот кој Михајловски го основал во 2000 година, а потоа и на дигиталните платформи.
Денес, колумната е постара и од независна Македонија.
„Постар сум од интернетот, а колумната ‘Сакам да кажам’ е постара и од независна Македонија“, вели со шега Михајловски.
Од денешна перспектива, трите и пол децении му изгледаат како цел еден новинарски век.
Но тој век не бил само набљудување на историјата. Михајловски бил новинар кој често бил внатре во настаните што ги известувал.
„Во 1991 имаше огромен ентузијазам“
Во „Вечер“ Михајловски пристигнал во периодот кога се распаѓала поранешна Југославија, а Македонија се подготвувала да тргне по свој пат.
„Имаше многу голем ентузијазам“, раскажува тој.
„Вечер“ во тоа време, според него, бил полиберален весник од „Нова Македонија“. Имало повеќе простор за поинакви ставови и за теми кои постепено почнувале да го менуваат општеството.
Како млад новинар, Михајловски ги следел првите политички движења, конгресите и настаните кои го најавувале распадот на југословенската држава.
Се сеќава на конгресот на словенечката Социјалистичка младина во Порторож, каде што се слушале идеите за отцепување и слоганот „Европа сега“.
Потоа дошле првите македонски политички партии и новата политичка сцена.

На првата прес-конференција на Љупчо Георгиевски, како што се сеќава Михајловски, многумина биле шокирани кога слушнале отворено да се зборува за независна македонска држава и за сопствена македонска фудбалска репрезентација.
„Сите беа шокирани. А јас си реков – луѓе, стварно можеме. Ние имаме наша македонска репрезентација.“
Но ентузијазмот одел рака под рака со стравот.
Војните во Словенија и Хрватска веќе биле почнати. Се поставувало прашањето што ќе се случи со Македонија, особено со ЈНА и со македонските војници кои се наоѓале во другите делови на Југославија.
„Имаше страв, особено кај повозрасните колеги. Страв од ЈНА, дали ќе ни се случи истото што се случуваше прво во Словенија, па во Хрватска.“
Ноќта кога сите знаеле дека се случува нешто големо
Референдумот на 8 септември 1991 година бил момент кога ентузијазмот и стравот се споиле во една ноќ.
Михајловски бил на плоштадот со своите колеги.
Не бил таму само како новинар.
„Многу мои колеги беа таму, и што им беше работа и што не им беше работа.“
Новинарите кои вообичаено требало да известуваат, тојпат биле дел од толпата.
„Ги гледам новинарите, нашите колеги, кои се радуваат како да не се на работа.“
Кога Киро Глигоров го соопштил успехот на референдумот, започнала прославата. Никола Кљусев, според сеќавањето на Михајловски, не успеал да ги сокрие емоциите.
„Не беше таков политичар што ги крие емоциите. Почна да мафта.“
Следувала импровизирана прослава, со шампањско и луѓе кои едноставно сакале да го прослават моментот.
„Уште ми стои таа слика во главата, како големо нешто правиме и јас сум дел од тоа.“
Тогаш, сепак, не биле целосно свесни колку ќе биде важен тој момент.
„Никогаш не сум бил свесен колку е важен, затоа што после тоа се соочувавме секој ден.“
Новинарството во држава која се распаѓа
Во годините што следувале, новинарите работеле во услови во кои границата меѓу историјата и секојдневната работа практично не постоела.
Михајловски се сеќава на информациите што стигнувале од ЈНА и на начинот на кој тие се објавувале во „Вечер“.
„Не бев толку свесен дека издавам некакви тајни. Меѓутоа, држава што се распаѓа – па не знам кој ќе те гони.“
Уредниците понекогаш ги објавувале информациите и без потпис.
„Малку комбинација на младост, ентузијазам и професионализам“, вели тој.
Во исто време, Македонија се обидувала да го избегне воениот конфликт кој веќе ги зафатил другите делови од поранешната држава.
Се организирале повлекувања на македонските војници од Хрватска, имало протести на мајки пред Собранието, неизвесност и страв.
Но Македонија успеала да го избегне најцрното сценарио.
Пасошот со број 101
Неколку години подоцна, еден од највредните симболи на новата држава за Михајловски станал мал син документ.
Пасошот.
„Киро Глигоров го имаше 001. Мојот пасош е 101.“
Пасошот го добил благодарение на Павле Трајанов, кој во тоа време бил во безбедносните структури. Михајловски сакал да биде меѓу првите граѓани кои ќе го добијат новиот македонски пасош.
„Еден ден ми се јави секретарката и вика: дали сакаш ти да го земеш? Денеска го издаваат првиот пасош. Нормално дека сакам.“
Со тој пасош Михајловски почнал да патува во светот. Првото патување било во Лондон, на конференција посветена на распадот на Југославија. Додека некои новинари сè уште патувале со југословенски пасоши, тој веќе имал македонски.

„Бев шизик со македонски пасош. Веќе сите се чудеа таму.“
Но новиот документ не секогаш бил доволен за да ги отвори границите. На самит на ОБСЕ во Португалија бил издвоен настрана.
„Ме тргнаа настрана како најголема бараба. Немаме поима кој сте вие, не е призната државата.“
Слична била приказната и со САД. Американската виза му била издадена на посебен лист и прикачена на пасошот, бидејќи во тој период Вашингтон сè уште не ја признавал Македонија.
Пасошот со број 101 денес е спомен. Но за Михајловски тој е и потсетник на времето кога една држава морала да објаснува која е.
Уставот, првите пари и луѓето што ја градеа државата
Во неговата архива се и други предмети од првите години на независноста – првите македонски пари и Уставот, потпишан од Киро Глигоров.
Како млад новинар, Михајловски често ги следел уставните комисии.
„Многу ми беше досадно, стварно. Не знаев ни што зборуваат некогаш.“
Но кога Уставот бил донесен, атмосферата била поинаква.

„Беше многу свечена атмосферата.“
Го памети и Глигоров како човек кој во исклучително тешки ситуации успевал да остане смирен.
„Сум се чудел како може да е смирен во таква ситуација.“
Од патувањата и дипломатските состаноци му останале во сеќавање и други луѓе – Стево Црвенковски, Иван Тошевски, Жана Османи.
За нив зборува не само како за политички функционери, туку како за луѓе со кои новинарите во тоа време воспоставувале непосредни контакти.
„Такво достоинствено појавување и секогаш човештината ја гледав.“
35 години подоцна
Михајловски денес со мешавина од иронија и гордост зборува за годините што поминале.
„Во еден новинарски век да преживееш толку работи, не само да ги преживееш, туку и да ги известуваш и да си дел од нив…“
Во тој период Македонија доживеала атентат врз претседател, авионски несреќи во кои загинале претседатели, војна во 2001 година, политички кризи, блокади, спорови со соседите и долга битка за европската иднина.
Михајловски признава дека му е криво што по 35 години Македонија сè уште не е членка на Европската Унија.
„Целиот професионален живот јас сум го посветил на тоа како Македонија да влезе во Европската унија. Тогаш беше Европска заедница, сега е Европска унија.“
Но, и покрај разочарувањата, тој не сака 35-годишнината да биде празник на песимизмот туку напротив, сака да биде ден на радоста.
„Луѓе, имаме држава.“
За него, тоа е суштината на 8 Септември, nе дека државата е совршена. Не е. Сами сме одговорни за многу од нејзините слабости, вели тој. Но токму затоа граѓаните треба да се однесуваат како да имаат држава.
Да плаќаат даноци. Да ги почитуваат законите. Да не фрлаат ѓубре. Да не бараат некој друг постојано да ја поправи државата наместо нив.
„Нашите предци немале сопствена држава. Ние имаме држава. Нашата генерација има сопствена држава.“
Затоа, на 35 години од независноста, Михајловски не сака повторно да се брои кој бил во право, кој бил крив и кога било подобро.
„Одутре ќе почнеме да се караме кој каде бил, кој каква јахта имал, кој бил талок, кој не бил талок. Ништо тоа, сè заборавајте.“
За еден човек кој го добил пасошот со број 101, кој ја видел Македонија како се раѓа и три и пол децении ја запишувал нејзината приказна, пораката е едноставна:
„Дајте да се радуваме. Имаме држава.“
И можеби токму во таа реченица најдобро се собира неговиот личен однос кон 35 години независна Македонија – со сите нејзини победи, грешки, разочарувања и надежи.
„Јас сум среќен бидејќи сум дел од таа генерација што ја направила оваа држава.“