Македонија

„Многу бројна публика пееше со нас“: Перо Камиказа за 8-ми Септември 1991

„Многу бројна публика пееше со нас“: Перо Камиказа за 8-ми Септември 1991

„Меморија“ била на сцената во еден од најзначајните моменти во современата македонска историја – вечерта на 8 Септември 1991 година, кога граѓаните го прославувале исходот од референдумот и прогласувањето на независноста.

Петар Георгиевски – Перо Камиказа, во специјалното отворено студио на 4ТВ, се присети на атмосферата од таа историска вечер и на настапот на групата пред огромниот број граѓани.

Тој раскажа дека „Меморија“ настапувала непосредно пред полноќ. Во моментот кога се приближувал историскиот час, музичарите биле на сцената и биле дел од прославата која се одвивала пред насобраната публика.

По прогласувањето на независноста следувал огномет, а потоа „Меморија“ ја извела песната „Оган под ѕвездите“.

Публиката, според Георгиевски, масовно пеела заедно со групата, создавајќи атмосфера која и по 35 години останала силно врежана во неговото сеќавање.

„Многу бројна публика во тоа време пееше со нас и јас можам да ви кажам дека и денес кога ќе се потсетам, емоциите се недвојбено големи“, раскажа Георгиевски.

За него, настапот не бил само музички концерт, туку можност да се биде дел од создавањето на нова страница во историјата на државата.

Георгиевски вели дека чувството на гордост било огромно бидејќи учествувале во момент кој за многумина претставувал исполнување на вековниот сон за сопствена држава.

„Гордост беше да учествувате во едно ново време за Република Македонија, сонот на сите Македонците. Вековниот сон за својата држава“, се присети тој.

Токму затоа, 8 Септември за членовите на „Меморија“ не е само датум од историјата, туку и личен спомен од вечерта во која музиката и прославата се споија со еден од најважните моменти за македонската државност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни