Македонската химна не е само државен симбол, туку дело во кое се сублимирани значајни моменти од македонската историја, борбата за слобода и стремежот кон правда. Ова го истакна проф. д-р Александар Трајковски, музички педагог, теоретичар и публицист, гостувајќи во „Отворено студио“ на 4ТВ по повод 35 години независност на Македонија.
Трајковски вели дека од музички аспект станува збор за исклучително убава и препознатлива мелодија, која ги содржи елементите потребни за лесно да се запамети и да остави силен впечаток кај слушателот. Но, според него, нејзината специфичност не е само во музиката, туку и во текстот.
Тој посочува дека во текстот се присутни мотивите за слободата и правдата, кои, како што вели, се провлекуваат низ вековното постоење на македонскиот народ.
„Постојано е во кодот борбата за правдините“, вели Трајковски, потсетувајќи дека македонската историја била исполнета со периоди на поробување и угнетување од различни странски сили, што создавало постојан стремеж кон слобода и правда.
Во разговорот Трајковски се осврнува и на историското настанување на химната. Според податоците што ги презентира, нејзината прва изведба била во новогодишната ноќ меѓу 1941 и 1942 година во Струга, во домашен амбиент.
Тој објаснува дека не станувало збор за класично новогодишно празнување, туку за собир на револуционери и борци за слобода, кои под превезот на прославата разговарале за понатамошните активности на револуционерното движење, со цел да не бидат откриени од окупаторот.
Трајковски нагласува дека не може со целосна сигурност да се утврди со која точна верзија на текстот песната била испеана при првата изведба, бидејќи, како што вели, не постои сочуван пишан документ или сведоштво за првичната целосна верзија. Со текот на времето, текстот претрпел одредени измени.
Во постарите верзии се споменувал и Никола Карев, а подоцна од текстот бил отстранет тој дел. Имало и промени во цели строфи, па денешната верзија не е целосно идентична со онаа што се пеела во минатото.
Според Трајковски, ваквите промени се разбирливи имајќи предвид дека песната во одреден период се пренесувала усно. Тој додава дека и при усвојувањето на химната како државен симбол во 1992 година имало пратенички амандмани кои се однесувале токму на нејзиниот текст.
Како клучна вредност на химната, Трајковски го издвојува нејзиното значење како израз на колективниот стремеж и „македонскиот крик“ за слобода.
„Да се изрази македонскиот крик и да се воспее сето она што на македонскиот народ му лежело од душата“, вели тој, додавајќи дека токму преку спојот на текстот и мелодијата се пренесува таа порака.
Говорејќи за музичкиот дел, Трајковски посебно го истакнува академик Тодор Скаловски, значаен композитор и еден од основоположниците на современиот македонски музички живот по Втората светска војна.
Според Трајковски, Скаловски во 1944 година прв ја запишал мелодијата на хартија и го направил аранжманот на композицијата. Тој додава дека, според сведоштвата на кои се повикува, основата на мелодијата потекнува од лирска, љубовна тема од македонската песнопојна традиција.
Скаловски, како што објаснува Трајковски, на композицијата ѝ дал поизразен маршовски карактер и структура со која таа се доближила до европските револуционерни песни од периодот на Втората светска војна.
Токму таа интервенција, според него, придонела химната да ја добие формата и карактерот по кои е препознатлива денес.
„Скаловски е тој кој на целата композиција ѝ го дал оној карактер кој ние денес го изведуваме“, истакнува Трајковски.
Тој додава дека нотниот запис што го направил Скаловски е сочуван, а делото подоцна било пријавено и во ЗАМП, со музика и аранжман на Тодор Скаловски и текст на Владо Малевски.
За Трајковски, и покрај промените што ги претрпела низ децениите, суштината на химната останува иста – преку мелодијата и зборовите да го пренесе историскиот стремеж на македонскиот народ кон слобода, правда и сопствена државност.