Македонија

Како се приватизираше македонската економија? Трпески посочи каде бил проблемот

Како се приватизираше македонската економија? Трпески посочи каде бил проблемот

Приватизацијата останува една од најспорните економски теми од првите години на независна Македонија, а поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, смета дека најголемите проблеми не произлегле од самиот модел, туку од начинот на кој бил спроведен.

Во гостувањето во специјалното отворено студио на 4ТВ, Трпески објасни дека од почетокот на приватизацијата до денес постојат сериозни дебати околу тоа дали бил избран најсоодветниот модел. Тој посочи дека во основа постоеле две можности – ваучерски систем или приватизација на компаниите „случај по случај“.

Според него, експертската влада нарачала студија од економистот Ченто Велјановски, кој предложил приватизацијата да се спроведува поединечно, компанија по компанија.

Трпески вели дека во самата студија не гледа проблем и дека според негово мислење слабоста се појавила во практичната примена на законските решенија.

Како една од клучните грешки ја посочи одлуката да се признае приватизацијата спроведена според законот на Анте Марковиќ, од времето кога Македонија сè уште била дел од Југославија.

„Скоро 50 отсто кај нас по тој закон“, посочи Трпески, објаснувајќи дека во тој процес, според неговото видување, немало вистински прилив на свеж капитал.

Наместо плаќање со нови средства, преку сметководствени механизми зголемувањето на платите се претворало во акции, што според Трпески не претставувало реална капитална инвестиција.

Тој посочи дека по осамостојувањето, Словенија и Хрватска го укинале таквиот модел, додека во Македонија тој бил задржан.

Но, најголемиот проблем, според Трпески, настанал при проценувањето на вредноста на компаниите и нивниот имот.

Биле формирани повеќе проценителски групи, меѓу другото на Економскиот и Правниот факултет во Скопје, во Економскиот институт, како и други институции и приватни проценителски структури. Нивна задача била да ја утврдат вредноста на имотот на компаниите кои требало да бидат приватизирани.

Трпески тврди дека токму тука се создала спрега меѓу дел од проценителските групи и раководствата на претпријатијата, при што наместо реалната вредност, се утврдувала пониска вредност на имотот.

„Се одеше не со реална вредност, него со потценета вредност да се откупува“, рече Трпески.

Според него, последиците од ваквиот начин на спроведување биле сериозни, а одредени проценителски групи, како што оцени, за само една до две години успеале да стекнат огромно богатство.

„Да се постана за година-две милионери, не во денари, туку во марки во тоа време“, посочи тој, говорејќи за периодот во кој се спроведувала приватизацијата.

Трпески на тој начин ја лоцира клучната слабост не толку во изборот на моделот, колку во контролата и начинот на кој тој бил применет во пракса.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни