Против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, веќе е активна мерката притвор, информира Основното јавно обвинителство Скопје, по неговото приведување.
Од ОЈО Скопје посочуваат дека против Бајрами е поднесено обвинение и дека судската постапка против него е во тек. Тој е обвинет за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.
За Бајрами, по предлог на јавен обвинител, судот веќе определил мерка притвор, која во моментов е активна.
Дополнително, Основното јавно обвинителство Скопје води уште четири постапки против него за истото кривично дело. Во рамки на овие постапки се прибираат докази и се вршат потребните вештачења.
Бајрами утрово беше лишен од слобода на граничниот премин „Блаце“, по повеќе од една година откако беше недостапен за органите на прогонот. По приведувањето, тој беше спроведен во затворот „Скопје“.
Случајот со Државната лотарија е во судска постапка, а обвинителството продолжува со постапувањето и во останатите предмети против Бајрами.