Само три лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи на подрачјето на Тетово во првите осум месеци од годинава, што е значително намалување во однос на истиот период лани, кога биле регистрирани девет жртви. Ова беше истакнато при денешната посета на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на СВР Тетово.
На средбата со раководството на секторот било разговарано за актуелната безбедносна состојба, предизвиците со кои се соочуваат полициските служби и резултатите од нивното работење. Било констатирано дека безбедносната состојба на подрачјето е стабилна, а особено внимание било посветено на сообраќајната безбедност.
Тетово е меѓу градовите каде што веќе се применува системот „Безбеден град“. Според податоците за првите осум месеци, освен намалувањето на бројот на загинати лица, е регистриран и пад на вкупниот број сообраќајни незгоди.
„Ова се резултати што најдобро говорат за придобивките од системот. Кога зборуваме за ‘Безбеден град’, не зборуваме само за санкционирање на прекршоците, туку пред сè за менување на сообраќајните навики, побезбедни улици и спасување човечки животи“, истакна Тошковски.
Министерот најави дека системот наскоро ќе започне да се применува и на подрачјето на СВР Велес, а потоа постепено ќе биде проширен и во останатите сектори за внатрешни работи низ државата.
Тошковски денеска оствари и средба со ректорот и раководството на Државниот универзитет во Тетово. На средбата се разговарало за продлабочување на соработката меѓу Универзитетот и Министерството за внатрешни работи, со фокус на создавање можности најдобрите студенти од студиските програми за кои има потреба МВР, по завршувањето на образованието, своите знаења и капацитети да ги стават во функција на институциите и безбедноста на граѓаните.