Македонија

Ангелов: Нема алармантни пожари, но опасноста од нови разгорувања останува

Ангелов: Нема алармантни пожари, но опасноста од нови разгорувања останува

Иако во моментов нема пожари кои се оценуваат како алармантни, опасноста од нивно повторно разгорување и избувнување нови огнени жаришта и натаму е присутна, предупредува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според него, најавените врнежи од УХМР, особено во западните делови од земјата, би можеле значително да помогнат во справувањето со активните пожари.

Ангелов информираше дека пожарот кај Рамно сè уште е активен, но неговиот интензитет е значително намален и се очекува целосно да биде изгаснат.

Активен е и пожарот во атарите на селата Селце и Локов, во подрачјето кај Струга и Дебар. На терен втор ден работат тимови на ДЗС составени од доброволни пожарникари.

Пожар има и во реонот на Белица, кој се проширил кон ловиштето „Јасен“. Огнот зафатил поголема тревна површина и делумно навлегол во борова шума. Екипите на ловиштето биле на терен, а утринава немало активно горење, при што ниските температури придонеле огнот да биде ставен под контрола.

Сепак, Ангелов предупреди дека постои можност пожарот повторно да се активира.

„Се надевам дека прогнозата на УХМР ќе излезе точна, ќе падне дожд и ќе стави крај на овој пожар“, рече Ангелов.

Пожар избувнал и во близина на Вруток, на непристапен терен. Гостиварските пожарникари интервенирале и успеале значително да го намалат неговиот интензитет. Пожарот е ставен под контрола, но сè уште постои опасност од негово ширење.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека до 13 часот денеска на територијата на државата биле регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, четири се под контрола, а три се целосно изгаснати.

Активни се пожарите кај селата Буринец, Локов, Селце и Елевци во општина Струга, каде што гори нискостеблеста шума. Активен пожар има и во селото Белица, на местото Кајорец кон Брезница, кај репетиторот во општина Македонски Брод, каде што гори нискостеблеста и мешана шума.

Огнени жаришта се активни и во селото Брест, на местото Рамно во општина Чучер-Сандево, каде што е зафатена мешана шума, во селото Осиче, на местото Рамни Камен во општина Крива Паланка, каде што гори борова шума, како и во селото Печково во општина Гостивар, каде што гори ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Под контрола се пожарите во селото Бенче во општина Македонски Брод, во селото Тајмиште, на местото Дарда во општина Кичево, во селото Копаница во општина Сарај, како и во атарите на селата Грачани и Никиштане во општина Ѓорче Петров.

Во меѓувреме, целосно се изгаснати пожарите над селото Кнежино, на местото Црн Камен во општина Кичево, над селото Стиник во општина Ново Село и во селото Бардовци во општина Карпош.

Надлежните институции и натаму апелираат на внимателност, особено поради можноста активните пожари повторно да се разгорат и да се прошират.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни