Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за разрешување на Училишниот одбор на гимназијата „Панче Арсовски“, постапувајќи по извршно решение на Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Одлуката, иако изгласана, предизвика жестока дебата меѓу советниците и меѓусебни обвинувања за партизација на образованието.
Според образложението од ДПИ, до мерката се дошло по утврдени потешки повреди во работењето на училиштето. Инспекторатот првично доставил извештај со предлог-мерки до директорот, а потоа и до Училишниот одбор, но бидејќи двете страни не постапиле во законскиот рок од 30 дена, случајот заврши во Советот на Градот како основач на средното училиште.
Службите на Градот: Советот мора да ја почитува одлуката на Инспекторатот
Од секторот за образование при Град Скопје појаснија дека Советот и градоначалникот немаат законска надлежност да ги преиспитуваат или толкуваат одлуките на ДПИ, туку се должни да го спроведат извршното решение.
„Советот е длабоко должен да постапи по одлука на независен орган чија работа ниту имаме право да ја контролираме, ниту да ја супервизираме. Доколку Советот не го направи тоа, по право на надзор Министерството за образование ќе го разреши одборот и ќе назначи в.д. директор“, истакнаа од градските служби, додавајќи дека ова е стандардна законска процедура.
СДСМ: Ова е хајка и притисок врз сите професори
Опозициските советници од СДСМ и Левица жестоко ја оспорија одлуката, тврдејќи дека во дописот од Инспекторатот фалат конкретни докази за наводните неправилности.
Советникот Горан Симоновски од СДСМ оцени дека зад одлуката стои политички притисок, наведувајќи дека за „поголеми повреди“ се сметаат тривијални работи како неостварен фонд на часови поради незапишан час во е-дневник или пречекорување на ученичка екскурзија за неколку часа.
„Овде се праќа порака до сите професори и директори: или ќе биде како што ќе каже ВМРО-ДПМНЕ, или ќе ве нема“, изјави Симоновски.
Советничката Катерина Цаневска Арсовска дополнително предупреди дека директорот Јован Петрески бил разрешен уште на 27 август и додаде дека инспекцискиот надзор не смее да служи како механизам за елиминација на директори кои не се партиски послушници.
ВМРО-ДПМНЕ: Советот не е суд за да анализира докази
Од друга страна, советничката Анета Марковска-Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Советот не е судска установа ниту второстепена комисија за да бара и да анализира докази.
„Наше е да гласаме во однос на предлог-одлуката бидејќи решението е извршно. Од доставените материјали јасно се гледа дека одборот и директорот не постапиле по барањата на Инспекторатот. Постапуваме според закон, исто како што се правеше и во претходните мандати“, порача Марковска-Илиевска.