Македонија

Од 14 септември блокада на границите: Камионџиите од Западен Балкан најавуваат прекин на сообраќајот кон ЕУ

Од 14 септември блокада на границите: Камионџиите од Западен Балкан најавуваат прекин на сообраќајот кон ЕУ

Камионџиите од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од 14 септември најавуваат прекин на товарниот сообраќај кон Европската Унија и блокада на граничните премини, доколку не биде најдено решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Превозниците со месеци укажуваат на последиците од примената на правилото „90 дена во 180 дена“, кое за државјаните на земји кои не се членки на ЕУ го ограничува престојот во Шенген-зоната. Тие бараат посебен режим за професионалните возачи, со образложение дека нивниот престој е поврзан со работните обврски и меѓународниот транспорт, а не со туристички престој.

Во Србија веќе е потврдена блокадата на граничните премини, а во најавената акција треба да се вклучат и превозници од Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, пишува „Блиц“.

Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, изјави дека превозниците не сакаат да дојде до блокада, но дека ситуацијата станала сериозна бидејќи транспортните компании се соочуваат со недостиг на возачи кои можат да влезат и да работат во Шенген-зоната.

Според него, контролите на границите се значително построги и возачите веќе не се пропуштаат ниту кога имаат само еден ден прекорачување на дозволениот престој.

„Практично остануваме без возачи и самите сме блокирани, бидејќи не можеме да работиме“, изјави Мандиќ.

Тој признава дека евентуалната блокада ќе им предизвика финансиска штета и на самите превозници, но смета дека без дополнителен притисок проблемот нема да биде решен доволно брзо.

Уште на 31 август транспортни здруженија од четирите земји организираа протести пред претставништвата на Европската Унија во Белград, Сараево, Подгорица и Скопје. Македонските превозници претходно предупредија дека, доколку не биде најдено привремено решение, протестите би можеле да се префрлат и на граничните премини од 14 септември.

Превозниците предупредуваат дека евентуалниот целосен прекин на товарниот сообраќај нема да има последици само за транспортниот сектор. Подолгите застои на границите би можеле да предизвикаат доцнење на испораките, дополнителни трошоци за транспортните компании и проблеми во синџирите на снабдување.

Главното барање на превозниците е воведување посебен механизам за професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ, со кој нивниот работен престој во Шенген-зоната би бил регулиран поинаку од престојот на туристите и останатите патници.

Доколку до 14 септември не биде постигнат договор, превозниците најавуваат дека ќе го запрат товарниот сообраќај и ќе ги блокираат граничните премини кон Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни