По повеќе од една деценија, здравствениот систем добива нова листа на есенцијални лекови, со која значително се проширува опфатот на терапии што треба да им бидат достапни на здравствените работници при лекувањето на пациентите.
Новата листа опфаќа вкупно 372 лекови, од кои 193 се нови. Лековите се систематизирани во 28 терапевтски области и поделени во подгрупи, а предвидени се и јасни насоки за постапување во ситуации кога одреден лек не е достапен, односно која терапија може да се користи како соодветна замена.
Меѓу новините е и поделбата на антибиотиците во три подгрупи, како и воведувањето на нови терапевтски области. На листата се опфатени терапии за мултиплекс склероза, цистична фиброза, современи терапии за ХИВ, хепатитис Б и Ц, како и онколошки терапии.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека листата требало да биде ажурирана и порано, имајќи предвид дека во изминатите 11 години Светската здравствена организација направила повеќе значајни промени во својата листа на есенцијални лекови.
Според него, новата национална листа е подготвена преку партиципативен процес во рамки на Националната платформа за лекови, во кој биле вклучени институциите, стручната јавност и пациентските организации.
Новина е и воведувањето заменска терапија за никотин. Клековски оцени дека ова е чекор кој треба да придонесе кон поголемо внимание на превенцијата, вклучително и спречувањето на ризиците поврзани со ракот на белите дробови.
Министерот порача следното ажурирање да не се чека повторно 11 години.
„Да не чекаме нови 11 години за ажурирање, да го воспоставиме механизмот за редовни ажурирања на оваа листа. Ажурирањата не се неопходни секои 6 или 12 месеци, меѓутоа мора да го следат ритамот на поголеми промени во Светската здравствена организација“, нагласи Клековски.
И претставникот на Светската здравствена организација во земјата, доктор Акеем Али, истакна дека воспоставувањето механизам за редовно ажурирање преку новиот Закон за лековите ќе биде значајно за листата постојано да одговара на потребите на пациентите и здравствениот систем.
Од СЗО посочуваат дека остануваат партнер на Северна Македонија во подобрувањето на пристапот до лекови и спроведувањето на системските реформи во здравството.