Македонија

Гоцевски: Апостолски ми остави аманет – Македонија мора да работи како мравка, да се организира како пчела и да се брани како оса

Гоцевски: Апостолски ми остави аманет – Македонија мора да работи како мравка, да се организира како пчела и да се брани како оса

Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во сведоштво за 4ТВ открива детали од неговата долгогодишна соработка со генералот и академик Михајло Апостолски и последниот разговор со него пред неговата смрт во 1987 година.

Гоцевски раскажува дека Апостолски бил една од пресвртните личности во неговата кариера, но и човек кој уште во времето на поранешна Југославија размислувал за иднината на Македонија.

Според неговото сведоштво, Апостолски инсистирал Македонија да создаде сопствено воено образование и сопствено воено раководство.

„Армиите се еден од столбовите на независноста на државата“, сведочи Гоцевски, пренесувајќи го ставот на Апостолски дека на Македонија историски не ѝ било овозможено да изгради сопствен систем на воено образование.

Но, најсилно се сеќава на последната средба со генералот во Дојран.

Апостолски, според Гоцевски, тогаш му оставил аманет:

„Треба да работиме како мравките, да се организираме како пчелите и да се браниме како осите.“

Мравката, објаснувал генералот, може да носи неколкупати повеќе од сопствената тежина. Пчелите биле пример за организација, а осите за брза и ефикасна одбрана.

Апостолски му укажал и на сложената геополитичка положба на Македонија, тврдејќи дека соседите имаат свои интереси и аспирации кон земјата.

Гоцевски вели дека овие зборови останале негов водич и по осамостојувањето.

Тој учествувал во процесите за формирање на Воената академија и во изградбата на системот на воено образование, со што, како што оценува, смета дека делумно го исполнил аманетот на својот ментор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни